Селена Гомез / Фото: AFF, AFF / Alamy / Profimedia

Израсна во скромни услови, а денес е една од највлијателните жени во забавната индустрија — Селена Гомез полни 34 години

Селена Гомез, родена на 22 јули 1992 година во Гранд Прери, Тексас, е американска пејачка, актерка, продуцентка и претприемачка која од детска ѕвезда на Дизни израсна во една од највлијателните личности на современата поп-култура. Во текот на кариера долга повеќе од две децении, таа постигна огромен успех на телевизијата, филмот, во музиката и деловниот свет, а истовремено стана и еден од најгласните застапници за грижата за менталното здравје.

селена гомез дизни
ФОТО: EPA-EFE/DAVID SWANSON

Детство со млада мајка

Селена Мари Гомез израсна во Гранд Прири, Тексас. Нејзината мајка Менди Тифи ја родила на само 16 години, а нејзините родители се развеле кога Селена имала пет години.

Таа во повеќе наврати зборуваше дека детството не било лесно и дека со нејзината мајка често се соочувале со финансиски потешкотии. Управувана од упорноста на нејзината мајка, уште од мали нозе добила мотивација да почне да се занимава со глума.

Првите актерски чекори ги направи во детската серија “Barney & Friends“, каде што се запозна со идната актерка Деми Ловато. Иако тогаш беше само дете, искуството пред камерите ја убеди дека сака професионално да се занимава со глума.

Instagram

Ѕвезда на Дизни

Вистинскиот популарност ја стекна во 2007 година кога ја доби главната улога на Алекс Русо во хумористичната серија на Дизни, „Wizards of Waverly Place“.

Серијата набрзо стана една од најгледаните продукции на Дизни, а Селена една од најголемите тинејџерски ѕвезди во светот. Во текот на четирите сезони освои бројни награди, а серијата заврши во 2012 година како една од најуспешните во историјата на „Disney Channel“.

Во тој период се појави и во филмовите „Аnother Cinderella Story“, „Princess Protection Program“ и „Ramona and Beezus“, со што дополнително ја зацврсти својата популарност кај помладата публика.

instagram

Успешна музичка кариера

Паралелно со глумата, таа започна и музичка кариера со составот „Selena Gomez & the Scene“. Бендот објави неколку успешни албуми, вклучувајќи ги „Kiss & Tell“, „A Year Without Rain“ и „When the Sun Goes Down“, од кои се издвоија хитовите како „Naturally“, „Love You Like a Love Song“ и „Who Says“.

Потоа ја продолжи својата соло-кариера. Албумот „Stars Dance“ (2013) ѝ го донесе првото место на американската топ-листа Билборд 200, а песната „Come & Get It“ стана еден од нејзините најголеми хитови.

Голем успех оствари и со албумот „Revival “ (2015).

Селена Гомез / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Во 2020 година го објави албумот „Rare“, кој исто така го освои првото место на листата на Билборд. Од него посебно се издвои баладата „Lose You to Love Me“, нејзиниот прв сингл кој искачи на самиот врв на американската топ-листа.

Покрај сопствените песни, оствари и низа успешни соработки, меѓу кои посебно се истакнува „Calm Down“, дуетот со нигерискиот музичар Рема, кој стана еден од најголемите светски хитови во 2023 година.

Успех на филмот и телевизијата

По периодот во Дизни, Селена почна да избира попозрели актерски проекти. Глумеше во филмови и му го позајми гласот на ликот Мејвис во исклучително успешната анимирана франшиза „Hotel Transylvania“.

Ново признание пристигна благодарение на хумористичната крими-серија „Only Murders in the Building“, во која глуми рамо до рамо со Стив Мартин и Мартин Шорт. Серијата ја освои публиката и критиката, а Гомез за својата изведба ги доби едни од најдобрите рецензии во кариерата и се афирмираше и како извршен продуцент на проектот.

Profimedia
Profimedia

Здравствени борби и отвореност за менталното здравје

Зад успешната кариера се кријат и бројни здравствени предизвици. Во 2015 година јавно откри дека боледува од лупус, хронична автоимуна болест. Поради компликации, во 2017 година мораше да замине на трансплантација на бубрег, а донор беше нејзината блиска пријателка, актерката Франсија Раиса.

Подоцна отворено зборуваше и за анксиозноста, депресијата и дијагнозата на биполарно растројство. Со својата искреност поттикна бројни дискусии за важноста на менталното здравје и намалувањето на стигмата поврзана со психичките болести.

Во 2022 година беше објавен документарниот филм “My Mind & Me“, во кој ги прикажа сопствените здравствени и емоционални предизвици.

Фото: Принтскрин / Инстаграм

Приватен живот

Љубовниот живот на Селена Гомез со години беше под лупа на јавноста. Најпозната беше нејзината повеќегодишна, турбулентна врска со Џастин Бибер. Нивната врска, која со прекини траеше од 2010 до 2018 година, беше една од најследените во светот на забавата и често ги полнеше насловните страници на медиумите.

Беше во врска и со Ник Џонас, руско-германскиот диџеј Зед и канадскиот музичар Д Викенд. Кон крајот на 2023 година ја потврди врската со продуцентот Бени Бланко, со кого со години соработуваше на музички проекти. Парот се сврши кон крајот на 2024 година, а се венчаа во септември 2025 година на интимна церемонија во Калифорнија.

Селена Гомез – Фото: Инстаграм

Селена Гомез е една од ретките артисти која оствари голем успех во неколку различни области – глумата, музиката, телевизиската продукција и претприемништвото. Од детска ѕвезда на Дизни израсна во наградувана актерка, успешна пејачка и сопственичка на еден од најуспешните козметички брендови во светот.

Истовремено, со своите јавни говори за лупусот, трансплантацијата на бубрег и менталното здравје, стана важен глас за милиони луѓе кои се соочуваат со слични предизвици. Токму спојот на професионалниот успех, отвореноста и општествениот ангажман ја направи една од највлијателните личности на модерната поп-култура.

ВИДЕО | Селена Гомез искрено за биполарното растројство: „Сѐ е многу комплицирано, но конечно се разбирам себеси“

ФОТО | Бени Бланко за првиот состанок со Селена: „Мислев дека ме мрази, не сакав врска“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот