Не треба да избираме меѓу ЕУ и БРИКС, но не смееме да се потпреме само на еден пазар — aналитичарите во посетата на индиската претседателка гледаат нови можности
Посетата на нашата земја од страна на претседателката на Индија Друпади Мурму е исклучително важна, особено затоа што станува збор за земја што претседава со групацијата БРИКС, која обединува единаесет големи растечки економии и опфаќа околу половина од светското население, приближно 40 проценти од глобалниот БДП и околу 26 проценти од светската трговија.
Посетата на индиската претседателка Друпади Мурму и економскиот форум што во Скопје се одржа во присуство на голем број бизнисмени од Индија e можност Македонија да отвори нов економски прозорец, сметаат аналитичарите. Ова посета е исклучително важна, со цел поголема отвореност на нашата земја и кон други економии надвор од Европа, особено затоа што станува збор за брзорастечка земја што претседава со групацијата БРИКС, која обединува единаесет големи растечки економии и опфаќа околу половина од светското население, приближно 40 проценти од глобалниот БДП и околу 26 проценти од светската трговија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На економскиот форум во Скопје беше дефинирана јасна цел: да се зајакнат трговските односи меѓу Македонија и Индија со цел во следните пет години да достигнат барем 400 милиони американски долари во трговска размена. Простор за соработка има во енергетиката, земјоделството, индустријата….
– Посетата на претседателката на Индија Друпади Мурму на Македонија претставува историски и економски значаен настан, бидејќи станува збор за прва посета на индиски претседател на нашата земја. Но, вистинската вредност на посетата нема да се мери само преку политичките средби и протоколарните пораки, туку преку тоа дали ќе успееме да ја претвориме во конкретни инвестиции, зголемена трговија, трансфер на технологии и отворање нови работни места – истакна универзитетскиот професор Синиша Наумоски во изјава за „Слободен печат“.
Тој ја потенцира улогата на Индија како претседавач на БРИКС, групација за која вели дека веќе не е само политички форум, туку голем економски простор со растечка потрошувачка, капитал, технологии, енергетски ресурси и инфраструктурни потреби. Сепак, нагласува Наумоски, Македонија треба да има реален и прагматичен пристап.
– Ние не сме членка на БРИКС и не треба да ја гледаме оваа организација како геополитичка замена за Европската Унија. Нашата стратешка ориентација кон ЕУ и членството во НАТО остануваат основа на надворешната политика. Но, европската ориентација не значи дека треба економски да зависиме исклучиво од еден пазар. Напротив, мала и отворена економија како македонската мора да ги диверзифицира извозот, инвестициите и изворите на капитал. БРИКС треба да го гледаме како дополнителен економски простор, а Индија како најсоодветна влезна точка кон него – поентира професорот.
Од дипломатски пораки да се преминеме на економска агенда
Според него, во соработката со Индија има огромен неискористен простор и треба да се премине од општи дипломатски пораки кон конкретна економска агенда.
– Прво, Македонија треба да привлече индиски инвестиции во информатичката технологија, вештачката интелигенција, дигиталните услуги и сајбер безбедноста. Индија е една од водечките светски сили во овие области, додека Македонија располага со образовани, повеќејазични кадри, конкурентни трошоци и пристап до европскиот пазар – вели Наумоски.

Тој потсетува дека Индија е еден од најголемите светски производители на лекови и медицинска опрема.
– Наместо Македонија да биде само увозник, треба да понуди услови за заеднички компании, производство, пакување и дистрибуција на фармацевтски производи за пазарите на Западен Балкан и на Европската Унија – смета Наумоски.
Индија е и голем простор и за нашиот земјоделски сектор, а Наумоски гледа можност и индиските компании да инвестираат во системи за наводнување, ладни синџири, складирање и модерна преработка на храна, што исто така, води кон развој на нашето земјоделство.
Сепак, главно поле за соработка, според Наумоски, треба да биде енергетиката.
– Индија има големо искуство во соларната енергија, ветерните електрани, биогоривата и зелениот водород. Преку заеднички инвестиции и учество во меѓународните иницијативи што ги предводи Индија, Македонија може да добие пристап до технологии, финансирање и знаење за побрза зелена транзиција – потенцира Наумоски.
Тој вели дека поради нашата географска положба, Македонија може да се позиционира како регионална платформа за индиските компании што сакаат да настапуваат на Западен Балкан и постепено да се приближуваат кон пазарот на Европската Унија.
– Во новата светска економија, малите држави не победуваат со геополитичко определување само кон една страна, туку со паметна диверзификација, конкурентност и способност секоја дипломатска посета да ја претворат во конкретна економска вредност – вели Наумоски.
Се исцрта нова карта на светската геополитика
Поранешниот амбасадор во Бразил Ивица Боцевски вели дека големата економска криза од 2008 година и политичкиот земјотрес од 2016 година (Брегзит и изборот на Доналд Трамп за претседател) исцртаа нова карта на светската геополитика, геоекономија и геокултура. Тој нагласува дека неколкувековната глобална хегемонија на европските земји и на државите создадени од европските дијаспори и официјално завршува со крајот на униполарниот момент на САД, кој траеше од крајот на Студената војна.
– Се разбира, Македонија одамна добро знае каде припаѓа во секој поглед и полека, но премногу мачно, ја заокружува својата целосна интеграција во структурите на западниот свет. Сепак, во актуелниот турбулентен глобален момент една суверена држава е неопходно да биде присутна на сите точки каде што се крои светот на утрешнината и таму активно да ги бара своите шанси за економска соработка, за културна размена и за мирољубиви политички односи. Една мала земја, како Македонија (или како Австрија, сеедно), секако дека нема никогаш да ги крои глобалните односи, но за нас е нужно да бидеме присутни секаде каде што се случуваат нештата што го дефинираат актуелниот свет, било да станува збор за политиката, економијата, културата, технологијата, науката и така натаму – вели Боцевски во разговорот за „Слободен печат“ на ова тема.

Тој вели дека „не може со зборови да се опише колку е значаен фактот што по првпат во историјата на независна Македонија, имаме шеф на воневропска држава во службена посета, а големината на настанот уште повеќе го потврдува фактот дека станува збор за Индија“.
– Познатиот американски дипломат Џорџ Кенан во една пригода ќе рече за Кина, Индија, САД, Бразил и тогашниот СССР дека не се обични држави, туку дека се континентален израз. Индија е најголемата и најбројната светска демократија, земја предводник на „Третиот свет“ и на Движењето на неврзаните, членка на Г-20, основач на БРИКС и на ИБСА и наскоро ќе стане една од двете водечки глобални економии. Фактот што Индија сè уште не е постојана земја членка на Советот за безбедност на ООН, не може никако поинаку да се опише туку како тажен остаток од колонијализмот и расизмот на една друга епоха, и покрај тоа што индиските војници беа една од клучните армиски формации без кои немаше да биде можен поразот на фашизмот. За жал, Македонија сосема неправедно ги потцени своите грижливо градени односи со „Третиот свет“ преку југословенската политика на неврзувањето. Македонските компании и професионалци работеа ширум светот како дел од југословенската развојна помош и соработката со Индија беше многу јасно изразена иако никогаш не ги достигна вистинските потенцијали. Впрочем, ова наследство правилно го потцрта и претседателката Силјановска во своето обраќање – потенцира Боцевски.
Тој потсетува дека Македонија пред околу деценија и половина започна да се вклучува во светските трендови и да ја проширува својата дипломатска мрежа и во надоаѓачките светски сили. Амбасадата во Њу Делхи е центар за македонските дипломатски активности во Јужна Азија.
– Оваа посета е добро потсетување дека македонскиот однос кон новите глобални сили мора да се гради како заеднички напор на целото општество и тука, покрај водечката улога на македонската дипломатија, централно место ќе мора да имаат и државните универзитети, кои ќе треба да ја прошират својата јазична понуда и регионална експертиза, стопанските комори и културата. За да ги оствари Македонија своите глобални амбиции, но и да може да ги следи своите граѓани и бизниси што работат, творат или студираат по целата Земјина топка, нужно е да се развие во Скопје и неопходната човечка инфраструктура за овој потфат без кого е незамислива македонската држава и македонската нација во 21т век. Само така ќе бидеме играч на глобалната сцена, свесен за своите капацитети, но и за шансите што му ги пружа сувереноста, наместо паричка за поткусурување на „големите“ – анализира Боцевски.
Тој вели дека македонското знаме мора да се вее во сите точки каде што се создава утрешнината.
– И покрај тоа што Македонија останува составен дел на европскиот пазар, сепак за земјата и за нејзините граѓани е нужно да се остане дел од глобалните трендови. Македонското знаме мора да се вее во сите точки каде што се создава утрешнината, било да е тоа Њу Делхи, Пекинг, Мумбај, Шангај, Бразилија, Сао Паоло, Јоханесбург, Кејптаун, Џакарта и другите нови алфа-центри. Да се надеваме дека нејзината екселенција, претседателката Друпади Мурму, ќе повлече нога, па Скопје полека ќе си влегува во својата улога на политички центар на една современа и глобализирана нација – вели Боцевски.
Според Државниот завод за статистика, ланскиот извоз во Индија тежел 6 милиони евра, а увозот бил 111,4 милиони евра. Податоците за надворешната трговија со Европската унија во 2025 покажуваат дека лани извозот во ЕУ бил 6 милијарди евра. а увозот – 5,4 милијарди.


