Историски момент: „Оејзис“ ги престигнаа легендарните „Битлси“ на вечната листа на најпродавани албуми во Велика Британија
Вториот студиски албум на култниот британски бенд „Оејзис“, „What’s the Story Morning Glory?“, официјално го престигна албумот „Sgt Pepper’s Lonely Hearts Club Band“ на нивните идоли „Битлси“ на вечната листа на најпопуларни музички изданија во Велика Британија, пренесува „Би-би-си“.
Препорачано
Албумот од 1995 година на браќата Галагер, кој ги содржи планетарните хитови „Wonderwall“ и „Don’t Look Back in Anger“, се искачи на третото место на вечната листа што ја објави „Official Charts Company“.
Во меѓувреме, психоделичното ремек-дело на „Битлси“ од 1967 година, „Sgt Pepper’s Lonely Hearts Club Band“, кое пред една деценија беше на третото место, сега падна на петтата позиција.
Првото место на листата и понатаму цврсто го држи компилацијата „Greatest Hits“ на групата „Квин“ од 1981 година, додека „Abba Gold“ од 1992 година е на второто место. Албумот „21“ на Адел од 2011 година се искачи на четвртата позиција.
Оваа историска листа беше објавена повод 70-годишнината од формирањето на неделната британска листа на албуми. Според податоците, албумот на „Оејзис“ досега има остварено вкупно 6,2 милиони единици, комбинација од продажба и стриминг. Огромниот скок на популарноста се должи и на големиот интерес по нивната голема повратничка турнеја, каде што репертоарот главно беше заснован на песните од овој култен албум.
Вечната топ 10 листа на најпродавани албуми во Велика Британија:
Квин – Greatest Hits
АББА – Gold
Оејзис – (What’s the Story) Morning Glory?
Адел – 21
Битлси – Sgt Pepper’s Lonely Hearts Club Band
Флитвуд Мек – Rumours
Пинк Флојд – The Dark Side of the Moon
Мајкл Џексон – Thriller
Боб Марли и Вејлерс – Legend
Дајер Стрејтс – Brothers in Arms
Покрај вечната листа, „Official Charts Company“ објави и посебна листа за најстримувани албуми во оваа деценија. На врвот на 2020-тите се најде младата американска поп-ѕвезда Оливија Родриго со нејзиниот деби-албум „Sour“ од 2021 година, кој ги содржи хитовите „Drivers License“ и „Good 4 U“.
Родриго зад себе ги остави албумите на Ед Ширан и Тејлор Свифт, која има дури два албума во топ 10 листата за оваа деценија.
ФОТО | Историјата на Битлси оживува – местото на нивниот последен концерт ќе се претвори во музеј
Обожавателите на „Оејзис“ изгубиле повеќе од 2,3 милиони евра на лажни билети


