Трумчи: Браво е сериозен тим, се надеваме на успешен настап
В четврток од 20.45 часот во Словенија фудбалерите на Шкендија ќе го играат првиот натпревар од второто квалификациско коло на Конференциската лига на УЕФА против екипата на Браво.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Играчите предводени од тренерот Артим Положани се во Љубљана каде го одржаа редовниот тренинг на стадионот „Стожице“ пред првите 90 минути од двомечот.
По успешното завршување на процедурите за регистрација од страна на административниот оддел на клубот, новите летни засилувања, напаѓачот Марко Ѓорѓиевски и дефанзивецот Јован Манев ќе имаат право на настап против Браво.
Своите очекувања за првите 90 минути од двомечот ги сподели десниот бек ФК Шкендија, Александар Трумчи, кој изрази оптимизам за ситуацијата во тимот и за подготовките што се направени.
– Имаме добра и позитивна атмосфера во тимот, откако го поминавме првото коло. Но, нема да се задржуваме на минатото, гледаме напред. Дојдовме во Словенија, се сместивме порано и го анализиравме противникот. Браво е сериозен тим и нашата цел ќе биде да дадеме сè од себе. Ќе влеземе на теренот за да постигнеме позитивен резултат пред реваншот. Се надеваме на успешен настап против Браво – вели Трумчи.
Возвратниот дуел е закажан за 30 јули на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.


