Фото: Профимедиа

Српскиот парламент на 27 јули ќе разгледува барање за гласање недоверба на Владата

Српскиот парламент в понеделник, на 27 јули, ќе заседава за иницијативата за гласање недоверба на Владата поднесена во февруари, јави телевизија Н1, повикувајќи се на свои извори.

Предлогот за гласање недоверба на Владата беше поднесен од опозициските пратеници на 13 февруари поради случајот со укинувањето на статусот на културно наследство на комплексот на поранешниот Генералштаб и кривичната постапка против министерот за култура Никола Селаковиќ, обвинет за злоупотреба на службената положба и фалсификување документи.

Иницијативата за најтешката парламентарна постапка – гласање на недоверба на српската влада – беше потпишана од 62 пратеници од Народното движење на Србија, Партијата на слободата и правдата, Зелено-левиот фронт, „Србија центар“, „Ние – силата на народот“, Еколошкото востание, Движењето на слободните граѓани и други опозициски партии, потсетува телевизијата.

Првично, претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ ја закажа седницата за барањето за гласање недоверба за 15 април. Меѓутоа, пратениците од владејачкото мнозинство ја напуштија салата, по што немаше кворум.

Заседанието беше одложено за 16 април, но ниту тогаш пратениците не го разгледаа предлогот.

„(Ќе расправаме) кога ќе имаме време и кога нема да имаме други, поважни приоритети за државата“, изјави Брнабиќ за Н1.

Додека не заврши седницата на Собранието на Србија на чиј дневен ред е предлогот за гласање недоверба на Владата на Србија, Владата не може до претседателот на државата да поднесе барање за распуштање на парламентот. Со тоа, предвремените парламентарни избори не можат ниту теоретски да бидат распишани, освен ако премиерот не поднесе оставка.

Доколку Народното собрание го усвои предлогот за недоверба на Владата, ќе започне да тече рок од 30 дена во кој мора да биде избрана нова влада.

До предвремени парламентарни избори може да дојде и на уште еден начин: доколку претседателот на Владата поднесе оставка. Ако Народното собрание во рок од 30 дена од констатирањето на оставката не избере нова влада, ќе бидат распишани предвремени избори.

Изборната кампања за Народното собрание не може да трае пократко од 45 ниту подолго од 60 дена.

Вучиќ тргнува во кампања за премиер, ќе оди со „шкодата“ зашто е многу скромен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот