Фото: LightField Studios, LightField Studios Inc. / Alamy / Profimedia

Студија открива — домашните миленици често се единствената потпора за ранливите луѓе

За луѓето кои се соочуваат со бездомништво, семејно насилство или тешка економска состојба, домашните миленичиња честопати се многу повеќе од животни – тие се членови на семејството и незаменлив извор на емоционална поддршка. Ова го покажува ново истражување на Универзитетот „Автонома“ во Барселона (UAB) и Фондацијата ФААДА, објавено во научното списание „Фронтиерс ин сајколоџи“.

Истражувањето било спроведено меѓу 100 лица на возраст од 19 до 80 години кои живеат во ранливи животни околности. Резултатите покажуваат дека кучињата и мачките имаат клучна улога во нивните животи, обезбедувајќи друштво, чувство на сигурност и емоционална стабилност.

Дури 90 проценти од испитаниците изјавиле дека нивното куче или мачка е нивниот единствен извор на поддршка, како и единствената можност да добијат физичка блискост и грижа. Кај 91 процент од учесниците, миленичето е првото кон кое сакаат да се свртат кога се тажни или лути, а за 90 проценти токму животното е причината поради која секое утро стануваат од кревет. Дополнително, 71 процент веруваат дека нивниот миленик би останал покрај нив дури и ако сите други ги напуштат.

Безусловна љубов без осуда

Според д-р Жауме Фатјо од Одделот за психијатрија и судска медицина при Универзитетот „Автонома“ во Барселона, кучињата и мачките имаат централно место во животот на многу ранливи луѓе.

„Тие не ги заменуваат човечките односи, но обезбедуваат друштво и емоционална утеха кои можат да бидат пресудни кога другите извори на поддршка недостигаат. Заштитата на врската меѓу овие луѓе и нивните животни значи и заштита на нивната благосостојба“, истакнува Фатјо.

Истражувањето покажува дека една од најценетите особини на домашните миленичиња е нивната постојана присутност, како и безусловната љубов што ја нудат без осудување. Тоа е особено важно за луѓето кои често се чувствуваат стигматизирани и отфрлени од општеството.

Потребни се програми што ќе ги зачуваат овие врски

Авторите нагласуваат дека миленичињата не се замена за семејството и пријателите, туку важен дел од пошироката мрежа на поддршка.

Ноа Тераса, раководителка на социјалниот сектор во Фондацијата ФААДА и коавторка на истражувањето, смета дека резултатите ја нагласуваат потребата од развој на социјални програми што нема да ги разделуваат луѓето од нивните миленичиња.

„Врската меѓу луѓето и нивните животни не ги заменува човечките односи, туку ги надополнува. Затоа е важно да се развиваат инклузивни решенија кои ќе ја земат предвид оваа поврзаност“, вели Тераса.

Истражувачите заклучуваат дека прекинувањето на врската меѓу ранливите луѓе и нивните домашни миленичиња може дополнително да ја ослабне нивната и онака кревка социјална мрежа. Затоа, сметаат тие, јавните политики и програмите за социјална поддршка треба повеќе да ја препознаваат улогата што домашните миленичиња ја имаат во животот на најранливите категории граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот