Ново правило на ВТА, тенисерките ќе мора да докажуваат дека се жени
Женската тениска асоцијација воведе ново правило според кое сите тенисерки ќе мора да поминат генетско тестирање за утврдување на полот доколку сакаат да го задржат правото на настап на турнирите.
Препорачано
Оваа одлука доаѓа во период кога повторно се водат жестоки дебати за родовите прашања во спортот, иако во професионалниот женски тенис речиси половина век нема активни трансродови тенисерки.
Според информациите на порталот Bounces, Управниот одбор на ВТА решил да одговори на сè поголемиот притисок од јавноста и од политичките кругови, кои ова прашање сè почесто го ставаат во фокусот на своите кампањи.
Од овој месец, Светската женска тениска асоцијација воведува задолжителен генетски скрининг со цел да се утврди дали натпреварувачките ги исполнуваат условите за настап според новите правила. Со тоа, ВТА станува првата независна професионална спортска лига во светот што воведува ваков вид задолжително тестирање за сите свои спортистки.
„Прифаќам дека ВТА може да отвори дисциплинска постапка против мене доколку одбијам да се подложам на генетско тестирање за утврдување на полот по барање на асоцијацијата или ако настапам на ВТА-турнир за кој, според моите сознанија, немам право на учество согласно овие правила… Понатаму, прифаќам и се согласувам дека таквата постапка може да резултира со одреден период на суспензија од ВТА-турнирите, што може да доведе причината за мојата суспензија да стане јавна или предмет на јавни шпекулации“, стои во дел од новиот официјален документ што сите тенисерки ќе мора да го потпишат доколку сакаат да ја продолжат својата професионална кариера.
Воведувањето на овој протокол веќе предизвика бројни реакции и ја подели спортската јавност, а повеќе детали за новиот правилник се очекува да бидат објавени во наредните денови.


