Омерагиќ и Бабунски: Премијата е само награда и екстра мотив, главната цел е Вардар да оди понатаму во Европа
Тренерот Кристијан Фабијани на денешната прес-конференција беше придружуван од Давид Бабунски и капитенот Азер Омерагиќ, кои порачаа дека единствената цел на Вардар пред претстојниот европски предизвик е победа и добар резултат пред реваншот во Рига.
Препорачано
Бабунски истакна дека тимот не размислува за ништо друго освен за триумф, кој би им овозможил поповолна позиција пред вториот натпревар. Тој нагласи дека најважно е Вардар да одигра на нивото што му доликува на клубот, додека најавената премија ја гледа само како дополнителен мотив. Според него, екипата веќе покажала напредок на реваншот против Купс, што било препознаено и од навивачите, а желбата е тој позитивен тренд да продолжи.
„Не смееме да размислуваме на ништо друго освен победа. Многу важно ќе биде да оствариме позитивен резултат на домашен терен за на реваншот да ни биде полесно. По карактерот на нашите играчи приоритет ни е да одиграме на ниво како што заслужува Вардар, а сето тоа што е дополнително (премијата) е само екстра мотив. На вториот меч ја подобривме сликата, и навивачите го препознаа тоа. Се надевам дека ќе продолжиме во таа линија, да се подобруваме. Сакаме да им вратиме на навивачите за поддршката што ни ја даваат“, изјави Бабунски.
Капитенот Азер Омерагиќ испрати слична порака, нагласувајќи дека елиминацијата од Купс е веќе оставена зад нив и дека целосниот фокус сега е насочен кон двомечот со Рига. Тој смета дека екипата има квалитет да се претстави во многу подобро светло и да избори позитивен резултат пред домашните навивачи.
„Купс е минато, не дојдовме до посакуваниот резултат, но во реваншот покажавме дека можеме многу подобро. Сега одиме на Рига да се покажеме во многу подобро издание и да оствариме добар резултат. Утре ќе бидеме задоволни со било кој позитивен резултат. Премијата е само награда, а мотивот е Вардар да оди понатаму во Европа. Ќе го дадеме максимумот пред домашна публика, сакаме да одиме понатаму, наше е да одиграме најдобро, а што ќе се случи ќе видиме“, порача Омерагиќ.
Фабијани: Голема е мотивацијата утре да се прикажеме во многу подобро светло


