Фабијани: Голема е мотивацијата утре да се прикажеме во многу подобро светло
Тренерот на Вардар, Кристијан Фабијани, со оптимизам го најави утрешниот прв натпревар против Рига во второто квалификациско коло од Конференциската лига, нагласувајќи дека очекува неговиот тим да прикаже многу подобро издание пред домашната публика отколку на претходниот европски меч во Скопје против КуПС.
Препорачано
Стратегот на „црвено-црните“ истакна дека победата во Финска дополнително ја зголемила самодовербата во тимот, но потенцираше дека сега најважно е Вардар да биде цврст на свој терен и со квалитетна игра да ги израдува навивачите. Според него, целта е да се обезбеди позитивен резултат пред реваншот.
„Со голема желба и емоција го дочекуваме утрешниот натпревар. Задоволни сме со тоа што го одигравме во Финска и победата, се надевам дека и утре ќе донесеме добар резултат. Мора да бидеме силни на домашен терен. Голема е мотивацијата да се покажеме многу подобро, тоа и го покажавме во Финска, сакаме да ги направиме горди нашите навивачи со една подобра партија и перформанси на домашен терен. Знаеме колку е важно да завршиме со предност на по првиот меч“, вели тренерот Фабијани.
„Што се однесува до Рига, станува збор за многу добра екипа тоа го покажува и нивната вредност на Трансфермаркт. Од средина на теренот и нагоре имаат многу квалитетни играчи со многу динамика, вертикалност, но така е кај секој клуб со финансии. Но и ние сме голем клуб и тоа сакаме да го покажеме утре. Сакаме да одиграме добро, да провоцираме грешки на нивната екипа и да ги искористиме“.
Натпреварот се игра во терминот од 20:00 часот на Арената „Тодор Проески“.


