На бројот на итни случаи по невремето се јавиле над 8.000 скопјани, ЦУК ги повикува да бидат трпеливи
Илјадници скопјани побарале помош и пријавиле штета од силното невреме што попладнево го зафати главниот град. Центарот за управување со кризи информира дека за само четири часа, на бројот за итни случаи 112 биле примени повеќе од 8.300 повици.
Препорачано
Од 17:00 до 21:00 часот операторите на 112 работеле со полн капацитет, а поради огромниот број јавувања биле ангажирани и дополнителни смени уште во првиот час по почетокот на невремето.
Од ЦУК посочуваат дека и натаму има зголемен интензитет на повици од граѓаните, а сите пријави континуирано се обработуваат и се проследуваат до надлежните институции и служби за постапување.
„Ги замолуваме граѓаните за трпение и разбирање во услови на исклучително голем број повици“, се наведува во соопштението на ЦУК.
Од таму информираат дека доколку граѓаните не успеат веднаш да воспостават контакт со 112, пријавите кои се однесуваат на материјални штети можат да ги достават и во текот на утрешниот ден. Тие ќе бидат евидентирани и проследени до надлежните служби.
Силното невреме предизвика бројни последици низ Скопје, меѓу кои паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, оштетени возила и блокирани сообраќајници.
ВИДЕО | Дрво што падна за влакно промаши автомобил, невремето остави пустош и во Градскиот парк


