Ветрот протатни и низ Штип — пациенти се преместуваат, протече покривот на болницата
Силно невреме денеска го зафати и Штип, каде силниот ветер оштети дел од покривот на Клиничката болница, поради што пациенти се преместуваат на други одделенија. Градоначалникот Иван Јорданов на вонредна прес-конференција рече дека екипите на јавните претпријатија и Кризниот штаб работат на расчистување на последиците од кусото, но разорно невреме.
Препорачано
Пациентите се сместени во безбедниот дел од објектот, каде нема прокиснување, а во текот на вечерта ќе биде направена дополнителна реорганизација.
„Пациентите се сместени во делот каде што е суво и каде што нема прокиснување. Во текот на ноќта ќе видиме дел од нив да ги префрлиме на други одделенија за да бидат безбедни и да не се наруши функционирањето на болницата. Станува збор за околу 15 до 20 пациенти од Одделението за ортопедија. Оштетувања има и на операционата сала на ова одделение, но директорот нагласи дека болницата располага со други операциони сали и дека медицинските услуги нема да бидат прекинати“, рече Јорданов.
Невремето предизвика и голема штета на приватни имоти, како и на градската инфраструктура, а размерот на уништувањето допрва ќе се утврдува, најави Јорданов.
ФОТО+ВИДЕО | Бесно невреме удри врз Скопје — орканскиот ветер корнеше покриви, кутна стотици дрвја


