„Тоа е дискриминација“ — Европската комисија ја отфрли иницијативата против миграција на незападно население
Европската комисија (ЕК) денес ја отфрли иницијативата за да се воведе мораториум на миграцијата за луѓе од незападно потекло, бидејќи не ги исполнува формалните услови и е спротивна на вредностите на Европската Унија, објави извршното тело на ЕУ.
Препорачано
Иницијативата „Закон за спасување на Европа“ ја покренаа холандската политичка коментаторка и активистка Ева Влардингербрук и австрискиот активист Мартин Селнер.
Тие ја повикуваат ЕК да предложи закон за „мораториум на нови незападни/неевропски имиграциски канали, вклучително и суспендирање на барањата за азил за економски мигранти и апликанти од безбедни земји на потекло, суспендирање на издавањето нови студентски визи и визи за семејно обединување за неевропејци и строго ограничување на легалните миграциски канали сè додека не се обнови социјалната кохезија и културниот континуитет во земјите-членки“.
Замена на населението и закана за малцинствата
Иницијаторите велат дека замената на населението преку легална и нелегална миграција во последните децении предизвикала голема штета на „социјалната кохезија, јавните услуги, безбедноста и етничкиот и културниот континуитет на европските народи, што доведува до паралелни општества, зголемен криминал и маргинализација на домородното население во нивните земји“.
Тие тврдат дека постои ризик „домородните народи на Европа да станат малцинско население во своите татковини, освен ако не се направат радикални промени во системите за азил и миграција“.
ЕК: Иницијативата е дискриминаторска
Сепак, ЕК утврди дека критериумите врз кои би се базирал предложениот мораториум би претставувале дискриминација врз основа на раса и етничко потекло.
„Иницијативата е очигледно спротивна на вредностите на Унијата како што се утврдени во член 2 од Договорот за Европската Унија (ДЕУ), член 21 од Повелбата за основните права на Европската Унија и утврдената судска пракса. Затоа, оваа иницијатива не може да се регистрира“, објави Комисијата.
Стапува на сила големата реформа за азил во ЕУ — мигрантите ќе се филтрираат уште на граница


