Вода од чешма во Гостивар / фото: читател на „Слободен печат“ / принтскрин

Левица: Клековски им држи лекции на докторите, додека аматери го водат јавното здравје

Левица упати критики до министерот за здравство Сашо Клековски, обвинувајќи го дека наместо да понесе одговорност за институционалните пропусти поврзани со состојбата во Гостивар, јавно ги напаѓа лекарите и медицинската јавност.

Ова доаѓа откако Клековски, кој самиот има завршено медицински факултет, но никогаш не работел како доктор, порача лекари кои не се епидемиолози и инфектолози да не даваат совети во јавноста „заради лајкови“.

На ова реагираше д-р Никола Пановски, кој деновиве ја коментираше ситуацијата во Гостивар како микробиолог. Тој преку објава на социјалните мрежи побара од министерот за здравство да ги извести медиумите повеќе да не го бараат за коментари и совети поврзани со состојбата во Гостивар, оценувајќи дека од денес јавноста треба да ја информираат епидемиолози и инфектолози.

„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зашто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат“, напиша д-р Пановски.

Во соопштението на Левица се наведува дека, додека Гостивар се соочува со сериозна здравствена криза, министерот не понудил извинување, ниту објаснил како институциите не успеале навреме да го детектираат проблемот, туку ги обвинува докторите дека настапуваат во јавноста поради „лајкови и кликови“.

Од Левица оценуваат дека Клековски неосновано ги критикува професори, доктори и специјалисти со долгогодишно клиничко искуство, кои, како што велат, јавно предупредуваат на состојбата, додека неговото професионално искуство, според нив, не е поврзано со долгогодишна работа во болнички установи.

„Клековски не ја штити јавноста од нестручни совети, туку сопствената власт од стручни прашања на кои нема одговор“, наведуваат од Левица, додавајќи дека наместо да се слуша стручната јавност, се врши притисок врз докторите кои ги изнесуваат своите професионални ставови.

Спорните извештаи за водата во Гостивар под лупа на Обвинителството – директорот на ЦЈЗ Тетово не верува дека направиле пропуст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот