Го исфрлиле од училиште, го отпуштиле од првиот филм, а денес е еден од најголемите актери во светот – Вилем Дефо полни 71 година
Вилем Дефо е еден од најпрепознатливите актери во светот, кој може да изгледа истовремено застрашувачки, ранливо и фасцинантно. Со повеќе од 100 филмови зад себе, четири номинации за „Оскар“ и кариера долга повеќе од четири децении, тој остана верен на еден принцип: никогаш да не престане да се предизвикува себеси.
Препорачано
Познат е по улоги во филмови како „Вод на смртта“ („Platoon“), „Последното искушение на Христос“ („The Last Temptation of Christ“), „Спајдермен“ („Spider-Man“), „Сенката на вампирот“ („Shadow of the Vampire“), „Проектот Флорида“ („The Florida Project“) и „Пред портите на вечноста“ („At Eternity’s Gate“).
Но, неговиот пат до Холивуд не бил едноставен. Пред да стане актер кој го бараат најголемите режисери во светот, Дефо бил момче од Висконсин со необично детство, голема љубопитност и потреба постојано да ги тестира сопствените граници.

Детството во плакарот и потрагата по сопствената сила
Вилем Дефо е роден како Вилијам Џејмс Дефо на 22 јули 1955 година во Аплтон, Висконсин. Тој бил едно од осум деца во семејството. Неговиот татко, Вилијам Дефо Постариот, бил хирург, а неговата мајка Мјурел работела како медицинска сестра.
Бидејќи неговите родители имале многу обврски, малиот Вилем често поминувал време сам. Во едно интервју за „Гардијан“ се присетил на необична случка од детството, кога бил мал, се затворил во плакар и останал таму цели два дена.
На прв поглед, приказната звучи како знак на осаменост, но Дефо подоцна објаснил дека тоа било повеќе експеримент – начин да открие колку може да издржи и колку може да влијае неговата сопствена волја.
„Кога бев дете, многу ме интересираше идејата за волјата – да откријам за што сум способен“, рекол тој.
Токму таа љубопитност подоцна станала еден од белезите на неговата актерска кариера. Дефо никогаш не бил актер кој избира лесни улоги. Напротив, често одел кон најнеочекуваните и најризичните ликови.

Ученик кој не се вклопувал
Уште од младоста покажувал интерес за уметноста и изведувањето. Пишувал свои претстави за историски личности и настани, а како тинејџер се приклучил на летна театарска група.
Но, неговиот школски пат не бил традиционален. Бил исфрлен од средното училиште „Аплтон Ист“ поради документарен филм што сакал да го направи. Како што подоцна објаснувал, филмот вклучувал необични ликови и теми, а училиштето сметало дека содржината е несоодветна.
Наместо да продолжи по класичен пат, Дефо се насочил кон театарот. Студирал на Универзитетот во Висконсин, каде што играл во студентски претстави, но брзо сфатил дека традиционалното образование не е за него.
Во 1974 година го напуштил факултетот и се приклучил на експерименталната театарска група „Театар Икс“ („Theater X“). Две години подоцна се преселил во Њујорк, каде што станал еден од основачите на познатата авангардна трупа „Вустер Груп“ („The Wooster Group“).
Таму поминал дури 26 години, а токму физичкиот театар и експерименталниот пристап му помогнале да го развие стилот по кој денес е познат.

Актер кој сака силни режисери
Дефо често зборувал дека најмногу го привлекуваат режисери со јасна визија.
„Кога се препуштам на туѓа визија, наместо да мислам што јас треба да направам, тоа ме носи на места до кои сам не би стигнал“, рекол тој.
Тој никогаш не сакал да биде актер кој само ја повторува истата формула. Наместо тоа, прифаќал улоги кои бараат целосна посветеност – дури и кога биле физички или психички тешки.
Во текот на кариерата работел со некои од најсмелите режисери во филмската индустрија, меѓу кои Мартин Скорсезе, Ларс фон Трир, Вес Андерсон и Роберт Егeрс.
Тој е актер кој без проблем прифаќал бизарни, мрачни и непредвидливи улоги – од светец до негативец, од уметник до чудовиште.
Улогите што го направија светски познат
По годините поминати во експерименталниот театар, Вилем Дефо постепено почнал да се пробива на филмското платно. Неговото прво појавување било во филмот „Небесна порта“ („Heaven’s Gate“) од 1980 година, но неговата мала улога речиси целосно била исфрлена од конечната верзија.
Вистинското филмско деби го имал со „Без љубов“ („The Loveless“) од 1981 година – независен филм за мотоциклисти, во режија на Монти Монтгомери и Кетрин Бигелоу. Токму таму почнал да го гради имиџот на актер кој не се плаши од необични проекти.
Следеле помали улоги во филмови како „Гладот“ („The Hunger“), „Улици на оган“ („Streets of Fire“) и „Живеејќи и умирајќи во Лос Анџелес“ („To Live and Die in L.A.“), но вистинскиот пробив дошол во 1986 година.

„Вод на смртта“ – улогата која му донесе прва номинација за „Оскар“
Во воената драма на режисерот Оливер Стоун, „Вод на смртта“ („Platoon“), Дефо го одигра наредникот Елајас Гродин – искусен и морален војник во Виетнамската војна.
Филмот, со Чарли Шин, Том Беренџер и Форест Витакер, прикажува сурова слика на војната и конфликтот меѓу различните карактери во американскиот вод.
Изведбата на Дефо беше особено пофалена. Неговиот лик – човек кој се обидува да остане човечен во нехумани услови – стана една од најзапаметените улоги во филмот.
„Вод на смртта“ („Platoon“) доби осум номинации за „Оскар“ и ја освои наградата за најдобар филм, а Дефо ја доби својата прва номинација за најдобра споредна машка улога.
Контроверзниот Исус во „Последното искушение на Христос“
Само две години подоцна, Дефо прифатил една од најризичните улоги во својата кариера – ликот на Исус Христос во филмот на Мартин Скорсезе.
Во „Последното искушение на Христос“ („The Last Temptation of Christ“) од 1988 година, режисерот прикажува поинаков и покомплексен поглед на животот на Исус, инспириран од романот на Никос Казанѕакис.
Филмот предизвикал големи контроверзии. Дел од религиозните групи протестирале против неговото прикажување, а некои кина одбиле да го прикажат.
Дефо подоцна изјавил дека му било чудно што филм за духовноста предизвикал толку голема реакција.
„Во свет полн со хорор филмови и порнографија, чудно беше што токму филм за духовноста предизвика толку голема контроверзија“, рекол тој.

Актер кој не избегнувал ризик
Во деведесеттите години, Дефо продолжил да избира разновидни улоги. Се појавил во филмови од различни жанрови – од историски драми до трилери.
Играл во филмови како:
– „Роден на 4 јули“ („Born on the Fourth of July“) од 1989 година, повторно во режија на Оливер Стоун;
– „Доказ за телото“ („Body of Evidence“) од 1993 година, каде што глумел со Мадона;
– „Англискиот пациент“ („The English Patient“) од 1996 година;
– „Светците од Бундок“ („The Boondock Saints“) од 1999 година;
– „Американски психопат“ („American Psycho“) од 2000 година.
Но, една од најинтересните работи кај Дефо е тоа што никогаш целосно не се насочил кон комерцијалниот успех. Паралелно со големите холивудски проекти, продолжил да работи и на независни и експериментални филмови.
„Сенката на вампирот“ – уште една номинација за „Оскар“
Во 2000 година, Дефо ја одигра улогата на Макс Шрек во хорор-драмата „Сенката на вампирот“ („Shadow of the Vampire“).
Филмот е фиктивна приказна за снимањето на класичниот нем филм „Носферату: Симфонија на ужасот“ („Nosferatu: A Symphony of Horror“) од 1922 година, каде што екипата се сомнева дека актерот кој го игра вампирот можеби навистина е суштество од темнината.
Изведбата на Дефо беше едно од најголемите актерски достигнувања во неговата кариера. Тој доби номинации за „Оскар“ и „Златен глобус“.
Зелен Гоблин – улогата што го донесе до најшироката публика
Иако веќе бил ценет актер, најголемата популарност кај пошироката публика ја стекнал со улогата на Норман Озборн, односно Зелениот Гоблин, во филмот „Спајдермен“ („Spider-Man“) од 2002 година.
Во филмот на Сем Раими, Дефо го играше таткото на Хари Озборн и бизнисмен кој постепено станува еден од најопасните противници на Питер Паркер.
Интересно е што неговиот лик во голем дел од сцените бил скриен зад маска, па Дефо морал да ја пренесе емоцијата преку гласот и движењата на лицето.
Филмот стана огромен светски хит и заработи повеќе од 800 милиони долари, а изведбата на Дефо беше особено пофалена.
Тој подоцна се врати во улогата во „Спајдермен 2“ („Spider-Man 2“), „Спајдермен 3“ („Spider-Man 3“) и повторно во „Спајдермен: Нема пат до дома“ („Spider-Man: No Way Home“) од 2021 година.

Од експериментален актер до еден од најбараните карактерни актери во светот
Иако улогата на Зелениот Гоблин му донесе огромна популарност, Вилем Дефо никогаш не дозволи да биде поврзан само со една улога. Напротив, по успехот на „Спајдермен“ („Spider-Man“) продолжи да избира проекти кои биле различни, ризични и често далеку од типичниот Холивуд.
Токму таа разновидност го направи еден од најценетите карактерни актери на својата генерација.
По успехот со „Спајдермен“ („Spider-Man“), Дефо продолжи со работа на големи филмски проекти, но истовремено се враќаше и кон независниот филм.
Во 2003 година го позајми гласот на рибата Гил во анимираниот хит на „Пиксар“ „Барајќи го Немо“ („Finding Nemo“). Филмот стана еден од најуспешните анимирани филмови во историјата и дополнително ја прошири неговата публика.
Следната година повторно соработуваше со Мартин Скорсезе во биографската драма „Авијатичарот“ („The Aviator“), филм за животот на милијардерот и авијациски пионер Хауард Хјуз.
Но, паралелно со големите продукции, Дефо продолжи да се движи во светот на авторскиот филм.
Соработката со Вес Андерсон
Еден од режисерите со кои најчесто соработувал е Вес Андерсон.
Нивната прва соработка била во филмот „Животот во вода со Стив Зису“ („The Life Aquatic with Steve Zissou“) од 2004 година, каде што Дефо го играше Клаус Дајмлер – необичен член на екипата на океанографот Стив Зису.
Подоцна се појави и во повеќе филмови на Андерсон:
– „Фантастичниот господин Фокс“ („Fantastic Mr. Fox“) од 2009 година;
– „Гранд хотел Будимпешта“ („The Grand Budapest Hotel“) од 2014 година;
– „Француската депеша“ („The French Dispatch“) од 2021 година;
– „Астероид Сити“ („Asteroid City“) од 2023 година.
Дефо секогаш велел дека го привлекуваат режисери кои имаат силна визија и создаваат сопствен свет.
Темните улоги со Ларс фон Трир
Друга важна соработка во неговата кариера била со данскиот режисер Ларс фон Трир.
Дефо се појави во драмата „Мандерлеј“ („Manderlay“) од 2005 година, а потоа и во контроверзниот психолошки филм „Антихрист“ („Antichrist“) од 2009 година.
Во овој филм игра брачен пар кој се соочува со трагедија по смртта на нивното дете. Филмот предизвика силни реакции поради експлицитните и вознемирувачки сцени.
За Дефо, сепак, токму таквите предизвици биле дел од привлечноста на актерството.
„Понекогаш не мора веднаш да разбереш сè. Важно е да почувствуваш дека има нешто интересно што можеш да истражиш“, објаснил тој.
Со Фон Трир повторно работеше во „Нимфоманка: Втор дел“ („Nymphomaniac: Vol. II“) од 2013 година.
„Проектот Флорида“ – една од неговите најтрогателни улоги
Во 2017 година, Дефо ја одигра една од најтоплите и најчовечки улоги во неговата кариера.
Во филмот „Проектот Флорида“ („The Florida Project“) тој го играше Боби Хикс – управител на евтин мотел во близина на Дизниленд, кој се обидува да ги заштити децата и семејствата што живеат во сиромаштија.
Неговата изведба беше дочекана со огромни пофалби. Дефо доби номинации за „Оскар“, „Златен глобус“ и други престижни награди за најдобра споредна машка улога.
Оваа улога покажа уште една страна од актерот – не само интензивна и мрачна, туку и исклучително нежна.
Вилем Дефо како Винсент ван Гог
Само една година подоцна, Дефо ја одигра главната улога во биографската драма за славниот холандски сликар.
Во „Пред портите на вечноста“ („At Eternity’s Gate“) од 2018 година, тој го портретираше Винсент ван Гог – уметникот кој целиот живот се борел со неразбирањето, сиромаштијата и сопствените внатрешни демони.
За оваа улога, Дефо освои награда за најдобар актер на Филмскиот фестивал во Венеција и доби уште една номинација за „Оскар“.
Интересно е што фотографија од него како Ван Гог, со погледот насочен кон небото, подоцна стана популарен интернет-мем.

Актер кој и во седмата деценија не забавува
И во шеесеттите години од животот, Вилем Дефо продолжи со истото темпо.
Се појави во филмови како:
– „Аквамен“ („Aquaman“) од 2018 година;
– „Светилникот“ („The Lighthouse“) од 2019 година;
– „Кошмарна уличка“ („Nightmare Alley“) од 2021 година;
– „Северњакот“ („The Northman“) од 2022 година;
– „Внатре“ („Inside“) од 2023 година;
– „Бедни нешта“ („Poor Things“) од 2023 година.
За „Бедни нешта“ („Poor Things“) повторно доби номинација за „Златен глобус“, а филмот му овозможи уште еднаш да покаже колку добро функционира во необични и визуелно смели приказни.
Приватниот живот, љубовта кон театарот и актерот кој никогаш не престанал да се менува
И покрај децении поминати пред камерите, Вилем Дефо секогаш се обидувал да го задржи својот приватен живот подалеку од медиумите. За разлика од многу холивудски ѕвезди, тој никогаш не бил актер кој ја градел својата кариера преку јавен имиџ, туку преку работата и изборот на улоги.
Дефо често повторува дека за него актерството не е пат кон слава, туку постојана потрага по нешто ново.
„Најубавото нешто кај секој нов филм е што повторно можеш да го откриеш начинот на кој работиш како актер. Секој филм бара нешто различно“, има кажано тој.
Љубовта кон театарот никогаш не исчезнала
Иако светот го препознава најмногу по филмовите, театарот секогаш останал неговата најголема страст.
По преселувањето во Њујорк во седумдесеттите години, Дефо бил еден од основачите на експерименталната трупа „Вустер Груп“ („The Wooster Group“), со која работел повеќе од две децении.
Тој смета дека физичкиот театар му овозможил да го разбере актерството на поинаков начин – не само преку зборови и дијалог, туку преку движење, ритам и присуство на сцената.
Подоцна работел и со познатиот режисер Роберт Вилсон, со кого ја создаде сценската претстава „Старата жена“ („The Old Woman“), заедно со легендарниот балетски уметник Михаил Баришников.
За Дефо, ваквите проекти се начин актерот целосно да се изгуби во уметноста.
„Мораш да се изгубиш за да се пронајдеш“, рекол тој.
Бракот со Џада Колагранде
Во 2004 година, Дефо ја запознал италијанската актерка и режисерка Џада Колагранде во Рим.
Само една година подоцна, во март 2005 година, тие се венчале – само еден ден откако Дефо ѝ предложил брак.
Двојката често работела заедно. Колагранде го режираше Дефо во филмовите „Жена“ („A Woman“) од 2010 година и „Татко“ („Padre“) од 2016 година.
Тие го делат времето меѓу Њујорк и Рим, а Дефо има и италијанско државјанство.
Пред бракот со Колагранде, тој бил во долгогодишна врска со режисерката на експериментален театар Елизабет ЛеКомпт, со која го има синот Џек, роден во 1982 година.
„Носферату“ и новите предизвици
И во своите доцни шеесетти години, Дефо продолжува да прифаќа улоги кои му се интересни и различни.
Во 2024 година повторно се врати во светот на хоророт со филмот „Носферату“ („Nosferatu“), во режија на Роберт Егeрс.
Овој филм е нова верзија на класичниот нем хорор од 1922 година „Носферату: Симфонија на ужасот“ („Nosferatu: A Symphony of Horror“) **, кој пак бил инспириран од романот „Дракула“ („Dracula“) на Брем Стокер.
Дефо го игра професорот Албин Еберхарт фон Франц – лик инспириран од традицијата на ловците на вампири.
Интересно е што ова не му е прва средба со приказната за вампири. Во „Сенката на вампирот“ („Shadow of the Vampire“) тој веќе играше актер кој го толкува легендарниот вампир Макс Шрек.
Она што го прави Вилем Дефо посебен не е само бројот на филмови во кои играл, туку подготвеноста постојано да ризикува.
Тој може да биде херој, негативец, светец, чудовиште, уметник или човек од соседството. Неговото лице често било користено за да прикаже ликови кои се на границата меѓу доброто и злото, меѓу реалноста и фантазијата.
Во кариерата има добиено четири номинации за „Оскар“:
– за „Вод“ („Platoon“);
– за „Сенката на вампирот“ („Shadow of the Vampire“);
– за „Проектот Флорида“ („The Florida Project“);
– за „Пред портите на вечноста“ („At Eternity’s Gate“).
Во 2024 година доби ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд за придонесот кон филмската уметност.
Но, и покрај сите награди и признанија, Дефо останува верен на истата идеја со која ја започнал кариерата – актерот мора да биде љубопитен, отворен и подготвен повторно да биде почетник.
„Ризично е само кога не ризикуваш. Ако навистина се обидуваш нешто ново, нешто ќе се случи и нешто ќе научиш“, рекол тој.
Токму затоа, по повеќе од 40 години кариера, Вилем Дефо сè уште останува еден од најнепредвидливите, најсмелите и најпочитуваните актери во современиот филм.


