Дванаесетта ноќ американски удари врз Иран: Хутите погодија брод на саудиска компанија, САД ја гаѓаа иранската одбрана
Саудиски брод бил погоден додека минувал низ Црвеното Море, при што се запалил неговиот преден дел, соопшти саудиската државна новинска агенција. Сите членови на екипажот на „ЕНЦЕЛИА“ се безбедни и во нападот нема повредени.
Саудиска Арабија потврди дека брод бил погоден во Црвеното Море, додека американската војска ја заврши дванаесеттата последователна ноќ на напади врз Иран. Паралелно, Иранската револуционерна гарда соопшти дека спречила три нафтени танкери да минат низ Ормускиот Теснец, со што дополнително се зголемува опасноста за глобалното снабдување со нафта, пишува „Си-би-ес њуз“.
Препорачано
Бродот „ЕНЦЕЛИА“, кој ѝ припаѓа на саудиска компанија, бил погоден додека пловел низ Црвеното Море, објави саудиската државна новинска агенција, повикувајќи се на официјален извор. Во нападот избувнал пожар на предниот дел од бродот, но сите членови на екипажот останале неповредени.
Претходно, јеменските бунтовници Хути, кои имаат поддршка од Иран, тврдеа дека нападнале два саудиски нафтени танкери. Нападот следува откако групата се закани дека ќе ги блокира саудиските пристаништа на Црвеното Море, една од главните маршрути за извоз на нафта.
САД ја нападнаа иранската одбрана
Американската Централна команда соопшти дека силите на САД вчера, околу 22:30 часот по источноамериканско време, ја завршиле дванаесеттата последователна ноќ на воздушни напади врз Иран. Цели биле иранските поморски капацитети, складишта за ракети и беспилотни летала, крајбрежни системи за надзор и објекти на противвоздушната одбрана.
Според ЦЕНТКОМ, операциите треба дополнително да ја намалат способноста на Иран да напаѓа цивилни морнари и трговски бродови. Американската команда тврди дека, откако повторно почнала да ги блокира иранските пристаништа, пренасочила девет комерцијални бродови, а уште еден онеспособила.
Америка ги засилува нападите врз Иран — војната досега ја чинела 37,5 милијарди долари
„Спречивме три танкери“
Иранската револуционерна гарда, пак, соопшти дека спречила три нафтени танкери да минат низ Ормускиот Теснец. Според иранската верзија, бродовите се обиделе да ја користат рутата покрај брегот на Оман, но еден од нив наводно налетал на мина и се запалил, по што другите два се повлекле. Не беше наведено кога се случил инцидентот, а тврдењето не е независно потврдено.
Техеран во последните недели се обидува да ги принуди танкерите да минуваат низ ирански води и да плаќаат за безбеден премин. Иранската гарда порача дека го контролира теснецот и се закани дека секој брод што ќе се обиде да помине без координација со иранските власти ќе се соочи со последици.
Кувајт пресретнува ирански дронови
Во исто време, кувајтската армија соопшти дека пресретнува ирански беспилотни летала. Кувајт, кој е сојузник на САД, во изминатиот период повеќепати беше цел на ирански напади.
Новата активност на Хутите отвора опасност и за Баб ел-Мандеб, теснецот што го поврзува Индискиот Океан со Црвеното Море и Суецкиот Канал. Според аналитичката компанија „Кплер“, најмалку четири брода во последните денови се свртеле и се откажале од минување низ теснецот.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека за секој нов ирански напад врз брод во Ормускиот Теснец, САД ќе бомбардираат и ќе уништат по еден ирански мост или електроцентрала. Зголемениот ризик на двете клучни поморски маршрути веќе го забавува сообраќајот и ги турка нагоре светските цени на нафтата.
САД и Иран влегуваат во „маѓепсан круг“ на дипломатија и војна


