Фото Архива

Претставничкиот дом усвои воен буџет од 1,15 билиони долари — САД ќе ја прошират соработката со Израел

Републиканците во Претставничкиот дом на САД со тесно мнозинство усвоија пакет за воени трошоци во вредност од 1,15 билиони долари, и покрај противењето на демократите поради високата цена и проширената соработка со Израел во областа на воената технологија, пренесува Ал Џазира.

Законот за овластување на трошоците за националната одбрана (NDAA) беше изгласан со 216 гласа „за“ и 212 „против“. Гласањето главно се одвиваше по партиска линија, со исклучок на шестмина демократи кои го поддржаа предлогот и седуммина републиканци кои гласаа против.

„Заврши гласањето за Законот кој за жал ги спојува нашата воена технологија и синџирите на снабдување со Израел. Да се надеваме дека оваа верзија нема да помине во Сенатот, бидејќи членот 219 е предавство на нашиот суверенитет“, напиша на социјалните мрежи републиканскиот конгресмен Томас Маси, кој јавно се спротивставува на политиката на Белата куќа и е критичар на војната со Иран.

Законот за 2027 година го одразува барањето на претседателот Доналд Трамп за значително зголемување на американскиот воен буџет – од околу 900 милијарди долари минатата година на 1,5 билиони долари.

Трамп тврди дека ваквото зголемување е неопходно поради војната со Иран, која САД и Израел ја започнаа кон крајот на февруари и која, според анкетите, е непопуларна меѓу американската јавност.

Предлог-законот предизвика дополнителни критики поради одредба што предвидува проширување на воено-технолошката соработка со Израел, во период кога расте поддршката меѓу американските гласачи за прекин на воената помош на оваа земја.

Законот сега се соочува со неизвесна иднина во Сенатот, каде што демократите најавуваат противење поради високите трошоци, особено во време кога Белата куќа предлага кратење на средствата за социјални програми. Демократите во Сенатот уште минатата недела ја блокираа расправата за законот, а лидерот на демократското малцинство Чак Шумер го нарече „дозвола за владината војна против Иран“.

Иако традиционално се смета за закон што мора да биде усвоен, овогодишниот предлог содржи и други спорни мерки, меѓу кои и помош за Украина. Пакетот го вклучува и Законот Спаси ја Америка (SAVE America), еден од приоритетите на Трамп, кој предвидува нови ограничувања при гласањето со цел спречување на наводни изборни измами, иако тој досега не понуди докази за таквите тврдења.

Нападите меѓу САД и Иран продолжуваат, запалени се два танкери за нафта во Ормускиот Теснец

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот