Зошто Америка не го третира Ортега како Мадуро?
Откако САД во јануари го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро, па го засилија економскиот притисок врз Куба, се отвори прашањето дали следната цел на Белата куќа ќе биде Никарагва. Земјата, со која авторитарно управуваат сопретседателите Даниел Ортега и неговата сопруга Росарио Муриљо, повторно се најде во фокусот откако Ортега неделава ја отфрли можноста во иднина да се одржуваат избори, пишува „Си-ен-ен“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Сепак, Вашингтон досега не покажа дека подготвува непосредна акција против Манагва. Од друга страна, пак, Ортега и Муриљо главно остануваат надвор од јавноста и внимаваат да не ја предизвикаат администрацијата на Доналд Трамп. Само неколку дена по американската операција во Венецуела, никарагванските власти презедоа два чекора што беа протолкувани како гестови кон САД — ослободија десетици затвореници по американско барање и повторно воведоа визи за кубанските државјани, со што ја ограничија нивната миграција кон Северна Америка.
Санкции против двајца синови на Ортега и Муриљо
Вашингтон во април воведе нови санкции против никарагвански функционери, меѓу кои и двајца синови на Ортега и Муриљо. Американскиот државен секретар Марко Рубио истовремено ја заостри реториката и ја осуди најавата за укинување на изборите. Но, за разлика од Куба, за која отворено зборува за промена на власта, досега не предложил соборување на режимот во Никарагва.
Професорот Кај Талер од Универзитетот во Калифорнија во Санта Барбара смета дека Куба за Рубио има далеку поголемо политичко значење, додека, пак, Никарагва, за разлика од Венецуела, нема природни богатства што би го привлекле вниманието на Вашингтон. Дополнителна пречка за можна американска интервенција е тоа што никарагванскиот систем е изграден околу едно семејство и нема очигледен наследник надвор од него. Во Венецуела, по заробувањето на Мадуро, раководството го презеде Делси Родригес, додека Ортега и Муриљо систематски ги отстранија сите можни алтернативи.
Вашингтон се обложува на постепен притисок
Политикологот Мануел Ороско од американскиот центар „Меѓуамерикански дијалог“ оценува дека Белата куќа кон Никарагва применува поинаква стратегија од онаа кон Каракас и кон Хавана. Наместо директна интервенција, Вашингтон се обидува преку санкции и постепен притисок да создаде услови за промени, без да предизвика нов бран миграција, репресија или политички хаос.
Според него, американската пресметка е дека внатрешната инерција на режимот со текот на времето може да предизвика судири во власта, економско забавување или нови протести. Во такви околности, САД би можеле да го засилат притисокот и да влијаат врз евентуална транзиција. Никарагва, меѓутоа, моментално не се соочува ниту со сериозна економска криза ниту со масовни улични протести. Директна интервенција во таква ситуација би значела насилно предизвикување промена без јасна претстава кој би ја презел власта.
Ортега во април се појави во јавноста и американските санкции против неговите деца ги нарече безумни. Три месеци подоцна го најави крајот на изборите, а заробувањето на Мадуро го опиша како монструозен чин. Талер смета дека ваквите изјави покажуваат оти никарагванското раководство не верува дека САД наскоро ќе се насочат кон него.
Ороско, пак, оценува дека острата реторика првенствено е наменета за домашната публика. Режимот сака пред своите поддржувачи да го зачува антиимперијалистичкиот имиџ, но истовремено избегнува посилна политичка или дипломатска поддршка за Венецуела и за Куба. Ослободувањето затвореници и другите отстапки се пресметани потези со кои се намалува американскиот притисок без да се загрози власта.
ВИДЕО | САД со нови удари врз Иран — Трамп им ги посвети нападите на убиените американски војници
Муриљо веќе ја презема контролата
Аналитичарите не очекуваат брзо распаѓање на режимот. Опозицијата е расцепкана, нејзините најпознати претставници се во егзил, а во земјата нема препознатлива политичка сила што би можела веднаш да ја преземе власта. И можноста за внатрешен раскол во Сандинистичкиот фронт засега изгледа мала.
Најверојатното сценарио е продолжување на режимот со сè помоќна Росарио Муриљо. Осумдесетгодишниот Ортега сè поретко се појавува во јавноста, додека, пак, 74-годишната Муриљо, која во февруари 2025 година ја доби функцијата сопретседателка, практично го води секојдневното управување. Сè поголема улога добива и нивниот син Лауреано, кој се споменува како можен продолжувач на семејната династија.
Муриљо, сепак, нема силна сопствена народна поддршка и сè уште се потпира врз политичкиот авторитет на Ортега. Нејзината врска со армијата се темели врз заемни интереси и пристап до државни ресурси, што значи дека под поголем притисок лојалноста може да ослабне.
Засега, сепак, семејството Ортега-Муриљо цврсто ги контролира безбедносните структури, државниот апарат и механизмите за надзор на населението, поради што демократска промена во блиска иднина изгледа малку веројатна.


