„Ќе станеме цел во војна што не е наша“ — мештаните од бугарското село Безмер на протест против американските авиони во блиската база

Жителите на бугарското село Безмер и на соседните населени места се спротивставија на одлуката американски воени авиони и авиони танкери да бидат распоредени во воздухопловната база „Безмер“ до октомври. Тие почнаа да собираат потписи и подготвуваат протест, тврдејќи дека не биле однапред информирани и дека одлуката била донесена без консултација со локалната заедница.

Кметот на селото Безмер, Росен Русев, нагласи дека луѓето не се против постоењето на воената база или одржувањето воени вежби, туку против конкретната мисија.

– Нашите жители не се против зашто имаме воена воздухопловна база, ниту зашто не сме навикнати на воени и на меѓународни вежби, туку затоа што во последен момент беа информирани за целта поради која овие авиони ќе бидат распоредени тука – изјави тој.

Според Русев, по дипломатската нота од Иран, мештаните стравуваат дека „неизбежно стануваат потенцијална цел“. Тој додаде дека петицијата веројатно нема да ја промени одлуката, но барем ќе остане забележан гласот на жителите од регионот, кои се плашат дека Бугарија „влегува во војна што не е нејзина“.

Радев: На бугарска територија е исклучено спроведувањето борбени операции на Блискиот Исток

Кметицата на селото Бољарско, Вања Пејнева, исто така, категорично се спротивстави на распоредувањето на авионите танкери.

– Не сакаме овие авиони танкери да бидат распоредени тука – рече таа.

Според Пејнева, најголемата загриженост на населението произлегува од воениот конфликт во Иран и од близината на населените места до воздухопловната база.

– Многу често слушаме дека, наводно случајно, се погодени и цивилни цели. Токму тоа ги загрижува луѓето. Ние сакаме само спокојство – истакна Пејнева.

Сличен став изрази и кметот на селото Роза, Енчо Јоргов. Според него, дури и ако не дојде до инциденти, самото распоредување на авионите внесува вознемиреност меѓу локалното население. Тој побара државата да ја гарантира безбедноста на жителите доколку авионите останат во базата.

Општински советник од Општина Тунџа ја оцени парламентарната одлука како претворање на Безмер во „легитимна цел во војна што не е наша“. Според него, тврдењето дека мисијата има само логистички карактер не ја менува суштината на ситуацијата, бидејќи „и логистиката е дел од војната“.

– Ќе ги преземеме сите законски дозволени активности – порача советникот.

Тој потврди дека протестот ќе се одржи и ги повика сите заинтересирани граѓани да се приклучат.

„Нема сфери на влијание“: Бугарија останува цврсто во ЕУ и во НАТО, тврди шефицата на дипломатијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот