Објавена причината за смртта на 18-годишната актерка Кејли Хотл
Американските власти ја потврдија причината за смртта на 18-годишната актерка Кејли Хотл, која беше позната по улогата на Џија во филмовите „Годзила против Конг“ и „Годзила и Конг: Новото царство“, пишува „Фокс њуз“.
Препорачано
Според Канцеларијата на главниот судско-медицински вештак на американската сојузна држава Мериленд, младата актерка починала од повеќекратни тешки повреди здобиени во сообраќајна несреќа што се случила на 21 јули. Нејзината смрт официјално е заведена како несреќен случај.
Обдукцијата била извршена ден по трагедијата, при што било утврдено дека нема никакви докази што би укажувале на други околности освен повредите добиени во сообраќајната несреќа.
ВИДЕО | Почина 18-годишната актерка Кејли Хотл, позната по улогата во „Годзила против Конг“
Несреќата се случила во раните утрински часови во местото Ајамсвил, во сојузната држава Мериленд. Според информациите од Канцеларијата на окружниот шериф, Кејли била една од двете сопатнички во автомобил управуван од 19-годишно момче.
Првичната истрага покажала дека возилото со голема брзина излетало од коловозот и удрило во бетонски пропуст покрај патот. Истражителите сметаат дека неприлагодената брзина била една од главните причини за несреќата.
Возачот се здобил со повреди кои не биле опасни по живот, додека другата сопатничка одбила лекарска помош на местото на несреќата. Кејли Хотл била пренесена во најблискиот трауматолошки центар, каде што, и покрај напорите на лекарите, им подлегнала на повредите.
Веста за нејзината смрт прв ја потврди нејзиниот татко Џошуа Хотл, кој преку видеопорака на американски знаковен јазик соопшти дека патува од Тексас до Мериленд за да го преземе телото на својата ќерка.
Кејли Хотл беше глува актерка која стекна светска популарност со улогата на Џија – девојчето кое со Конг комуницира преку знаковен јазик. По дебито во филмот „Годзила против Конг“ од 2021 година, таа повторно ја толкуваше истата улога и во продолжението „Годзила и Конг: Новото царство“, каде играше заедно со бројни холивудски ѕвезди.


