Profimedia
Фото: Профимедиа

Едни уредно плаќаат данок, на други им се отпишува: хаос во наплатата во општините

Од ненаплатениот данок на имот, 18,9 милиони евра се за долгови постари од пет години, што укажува на слабиот фискален напор на општините, информира Државниот завод за ревизја.

Речиси 48 милиони евра не наплатиле општините по основ на разни даноци, вклучувајќи и данок на имот, такси и други надоместоци во периодот од 2020 до 2024 година, утврди Државниот завод за ревизија. Во овој период се отпишани долгови од над 3,8 милиони евра, па така додека едни уредно си ги плаќаат давачките, други поради неефикасноста на општините го изигруваат системот и долгот како застарен им се брише.

„Од вкупно ненаплатените побарувања по основ на данок на имот, 67% или 1.163.814.000 денари (18,9 милиони евра н.з.) се постари од пет години, што укажува на слабиот фискален напор на општините“, информира Државниот завод за ревизја.

Оценката по спроведената ревизија е дека „мерките и политиките на надлежните органи и единиците на локална самоуправа не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци“.

Само три комунални такси (фирма, односно назив на деловна просторија, користење на простор пред деловен простор и користење на плоштади и друг простор во градовите и другите населени места) се администрираат и се наплатуваат во над 50% од општините, додека останатите пет комунални такси се администрираат и се наплаќаат во помалку од 25% од општините.

Графика: Државен завод за ревизија

„Со извршената анализа на податоците за остварените приходи по основ на даноци, такси и надоместоци, утврдивме дека генерално руралните општини, со исклучок на општините: Петровец, Илинден и Чучер Сандево, се со послаб фискален капацитет во однос на урбаните општини“, велат ревизорите.

Оттаму посочуваат дека постојната правна рамка не предвидува ажурирање на регистарот на недвижен имот по службена должност, роковите за плаќање на даночните решенија не се прецизно дефинирани, не е регулиран начин на нивна достава, а постојат и ограничувања во спроведување на ревизија на пазарната вредност.
Методологијата за пресметка на вредноста на објектите е застарена и не ги опфаќа новите видови на објекти и материјали, се применуваат цени кои не се ажурирани со години, кои не ја рефлектираат реалната пазарна вредност, што резултира со потценување на даночната основа и намалени приходи за општините. Имајќи предвид дека само 15 општини имаат спроведено ревизија на пазарната вредност, тоа укажува на нееднаква примена на прописите во системот на оданочување на имот.

Во ревизорскиот извештај е наведено дека во услови кога тарифите за комунални такси не се ажурирани, нивното утврдување и наплата често се врши без издадени решенија и без воспоставен регистар на обврзници, не е обезбедена добра основа за целосна и ефикасна наплата на овие приходи. Дополнително, некоординираноста на надлежните институциите вклучени во процесот го намалуваат создавањето на поволно институционално опкружување во кое општините треба да ги остваруваат своите надлежности и да обезбедат стабилни сопствени приходи.

„Ресурсите со кои општините располагаат во процесот на администрирање на даноци, такси и надоместоци, односно различните софтверски решенија, непополнетоста на работните места во даночните единици, малиот број на проценители вработени во општините не обезбедуваат правилно, целосно и навремено администрирање на даноците, таксите и надоместоците. Исто така, нецелосните регистри на недвижен имот, невоспоставените регистри за подвижен имот и комунални такси, регистри во хартиена форма за надоместоците, како и неповрзаноста на системите, го отежнува администрирањето и наплатата и го оневозможува реалното следење на обврзниците и нивните обврски“, заклучува Државниот завод за ревизја.

Во Македонија се основани 80 општини и градот Скопје како посебна единица на локална самоуправа. Според Пописот на население во 2021 година, во Републиката има 1.836.713 жители од кои 320.088 лица живеат во руралните, а 1.505.735 лица живеат во урбаните општини.

Со цел да ги извршува своите надлежности, општината треба да ги наплати своите приходи кои произлегуваат од следните извори: сопствени извори на приходи кои опфаќаат приходи од наплата на локални даноци (данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности), локални такси (комунални такси, административни такси и други локални такси утврдени со закон), локални надоместоци (надомест за уредување на градежно земјиште, надоместоци од комунална дејност и други локални надоместоци). Исто така, во сопствени приходи влегуваат парични казни утврдени со закон, приходи од сопственост (приходи од закупнина, приходи од камати и приходи од продажба на имот со чија продажба не се нарушуваат јавните функции и надлежности на општините), од донации, од самопридонес и други приходи. Општините остваруваат приходи и од данок на личен доход наплатени од страна на државата во тековната година кои се распределуваат на следниот начин: 6% од данок на личен доход на лични примања од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште и 100 проценти од данок на личен доход од физички лица кои се занимаваат со занаетчиска дејност на подрачјето на општината.

.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот