Мицкоски, Зејнула Фото: фејсбук

Со изборот на новиот министер Зејнула, Собранието утре ќе ја заокружи владината реконструкција

Изборот на Зулфиќар Зејнула беше одложен за да не бидат сменети две третини од министрите во еден пакет, што ќе значеше враќање на мандатот и избор на нова влада.

Собранието утре ќе го избира новиот министер без ресор Зулфиќар Зејнула, претседател на Демократската партија на Турците. Со изборот на Зејнула премиерот Христијан Мицкоски ќе ја заокружи реконструкцијата на владиниот кабинет. Изборот на новиот министер без ресор следува откако претходно Мицкоски ја освежи Владата со осум министри.

Зејнула не беше избран при реконструкцијата на Владата заедно со другите министри за Мицкоски да ја избегне ситуацијата да го враќа мандатот и изборот да биде како за нова Влада, бидејќи со Зејнула во пакет ќе имаше смена на две третини од владиниот состав.

Од биографијата на Зејнула може да се види дека тој од 2021 година до 2024 година бил заменик-директор во Дирекција за заштита и спасување. Претходно од 2018-2021 година бил советник во Општина Гостивар, а од 2017-2021 година работно бил ангажиран во правниот сектор на Демократската партија на Турците. Од 2010-2012 година работел во „Хабиб транс ДОО“. Зејнула е дипломиран криминалист, а освен мајчиниот турски има познавања и од македонскиот, албанскиот, германскиот и српскиот јазик.

Со договорот за партнерство помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПТ владејачкото мнозинство се зголеми за еден пратеник и сега брои 59 пратеници. ДПТ и пратеникот Бејџан Илјас пред да станат дел од власта беа во опозициската коалиција Европски фронт предводена од ДУИ. Илјас по излегувањето од европскиот фронт во Собранието дејствуваше како независен пратеник.

При реконструкцијата на Владата за министер за правда е избран Јетон Шасивари од Вреди, за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски од Движењето ЗНАМ, за министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од Вреди, за министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, за министер за култура и туризам Седат Сулејмани од Вреди, за министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите и за министер без ресор Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот