Нова тензија меѓу „Боинг“ и „Ербас“ поради заем од три милијарди евра
Американскиот производител на авиони „Боинг“ побара од администрацијата на Соединетите Американски Држави да инсистира на поголема транспарентност од Европската Унија во врска со пакетот заеми од три милијарди евра наменет за европскиот конкурент „Ербас“. Ова повторно го отвори долгогодишниот спор околу помошта во воздухопловната индустрија.
Препорачано
Во писмо упатено до канцеларијата на трговскиот претставник на САД, „Боинг“ ја изрази својата загриженост за финансискиот пакет на Европската инвестициска банка (ЕИБ), наведувајќи дека тоа е најголемиот корпоративен заем досега одобрен од таа институција и дека би можел да ја наруши рамноправната пазарна конкуренција меѓу двата најголеми светски производители на патнички авиони, објави Ројтерс.
Компанијата конкретно истакна дека финансирањето е објавено само неколку дена откако Европската Унија и САД го продолжија примирјето во долгогодишниот спор околу субвенциите за „Боинг“ и „Ербас“, оценувајќи дека таквата помош треба целосно да биде во согласност со обврските за транспарентност од договорот од 2021 година. Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, потврди дека Вашингтон внимателно ги разгледува околностите под кои е одобрен кредитот.
Европската инвестициска банка ги отфрли обвинувањата дека „Ербас“ има посебен третман и нагласи дека средствата ќе бидат искористени за финансирање на долгорочните инвестиции на компанијата до 2030 година во областа на комерцијалната авијација, одбраната, безбедноста и новите технологии. Првиот дел од финансискиот пакет, во износ од една милијарда евра, веќе е потпишан.
Според „Боинг“, постојат стравувања дека поволните услови за финансирање би можеле да му дадат на „Ербас“ конкурентска предност во развојот на идните програми за патнички авиони, вклучувајќи го и проектот за нова генерација авиони наречени „eAction“.
Спорот меѓу „Боинг“ и „Ербас“ околу државната помош трае повеќе од две децении и е еден од најдолготрајните трговски спорови меѓу САД и Европската Унија, иако двете страни постигнаа договор во 2021 година за суспендирање на меѓусебните тарифи и продолжување на преговорите.
„Ербас“ и „Боинг“ го ангажираа гигантот „Антонов Ан-124“ за да ја забрзаат испораката на делови


