Над 70.000 луѓе се заразени со денга во Шри Ланка, војската со дронови ги „лови“ комарците што го шират вирусот
Шри Ланка се соочува со голема епидемија на денга, а властите распоредија воени дронови во обид да ги откријат местата каде што се размножуваат комарците што го шират вирусот, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Вирусот годинава усмрти 56 луѓе, а повеќе од 77.000 луѓе се заразени, при што повеќе од една четвртина од случаите биле регистрирани само во јули.
Денгата е вирусна треска предизвикана од вирусот на денга и е честа во тропските предели.
Но, со зголемувањето на температурите ширум светот, комарците што ги пренесуваат овие болести сè повеќе навлегуваат во нови области, вклучително и во Европа и Средоземјето.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на пријавени случаи во светот се зголемил од околу 500.000 во 2000 година на 14,4 милиони во 2024 година.
Што е денга и кои се нејзините симптоми?
Денгата се пренесува од убод од заразени комарци.
Многу луѓе заразени со денга не развиваат симптоми. Кај оние што ќе развијат симптоми, најчести се висока температура, главоболка, болки во мускулите и во зглобовите, мачнина и осип.
Во тешки случаи, денгата може да предизвика внатрешно крвавење, па дури и смрт.
Луѓето кои ќе се заразат по вторпат се изложени на поголем ризик од развој на тешка форма на денга.
Во Македонија потврден случај на „Денга треска“: Заразен е маж од Бангладеш
Каква е состојбата во Шри Ланка?
Здравствените власти во Шри Ланка зголемувањето на бројот на заразени со денга го поврзуваат со циклонот што го погоди островот во декември минатата година, оставајќи зад себе отпад и остатоци кои се претвориле во нови места за размножување на комарците.
Владата ја задолжила војската со дронови да ги проверува покривите на куќи, училишта и на градилишта, а полицијата ги проверува домовите на граѓаните.
Болниците се преполни со пациенти, а лекарите ги советуваат оние со благи симптоми да се одмораат и да закрепнуваат дома.
„Бројот на пациенти е голем, а тежината на случаите е сериозна“, рекол Капила Канангарa, директор на Одделението за контрола на денга во Шри Ланка.
Ова не е првпат Шри Ланка да се соочи со епидемија на денга. Во 2017 година, болеста усмрти 450 луѓе.
Денга, чикунгуња и вирус зика – пристигна предупредување поради болестите што ги шират комарците


