Љубиша Каровиќ и неговата сопруга Светлана Грковиќ заедно беа во авионот, фото: Фејсбук / Љубиша Каровиќ

Мојот клиент има повреди по цело тело и ќе добие голема отштета, вели адвокатот на Србинот кој речиси излета од авион

Василис Цијарас, адвокат на српскиот бизнисмен Љубиша Каровиќ кој речиси излета од прозорецот на авион на 10 јули на лет од Солун, Грција до Меминген, Германија, е уверен дека неговиот клиент ќе добие голема отштета, пренесува Телеграф.

Се претпоставува дека дел од моторот се одвоил од авионот и го скршил прозорецот кратко по полетувањето. Авионот го изгубил притисокот во кабината и извршил итно слетување.

Главниот извршен директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, изјави во понеделникот дека прелиминарните наоди од истрагата за инцидентот, во кој патник остана да виси од скршен прозорец на „Боинг 737“, укажуваат дека причината е оштетување на моторот предизвикано од туѓ предмет, а не староста на авионот или неговото одржување.

„Мојот клиент има повреди по целото тело. Додека немаме целосна слика за случајот, не можам да зборувам за обештетување. Ќе биде значајно. Сигурен сум дека ќе биде значајно“, изјави адвокатот Цијарас.

„Да не носеше појас, ќе беше мртов“

Како што кажа адвокатот, животот на неговиот клиент Каровиќ бил во опасност, а да не носел појас, ќе бил мртов. Половина од неговото тело, градите, главата и рацете, како што посочи, биле надвор од авионот две до три минути.

„И не само тоа. ‘Рајанер’ објави дека не е вистина дека мојот клиент бил надвор од авионот две минути. Сепак, денес разговарав со адвокатот што ја застапува жената што седела до мојот клиент. Тоа не е неговата сопруга. Таа многу јасно потврди дека мојот клиент бил надвор од авионот две до три минути, дека воздухот буквално го влечел надвор и дека патниците се обидувале да го вратат“, додаде тој.

Адвокатот дополни дека, откако го вовлекле во авионот, Каровиќ се онесвестил уште два или три пати.

„Знам само што ми кажа неговата сопруга. Таа видела сè бидејќи седела во близина. Бев шокиран кога ми кажа дека откако го вовлекле, главата на Љубиша била како сунѓер. Била отечена и обезличена. Мислеле дека е мртов. Му го масирале лицето бидејќи главата му била полна со крв, и само по неколку минути лицето му се вратило во нормала. Тоа ми го кажа сопругата на мојот клиент, како и жената што седела до него“, додаде тој.

„Инцидентот можно е да се случил и над Северна Македонија“

На крајот, Цијарас вели „останува да видиме каде ќе бараме отштета, во зависност од тоа кој е надлежен“.

„Мислам дека тоа ќе биде Грција, бидејќи авионот бил во грчкиот воздушен простор кога се случило сè. Постои и можност инцидентот да се случил над Северна Македонија, но тоа сè уште не е потврдено и чекаме точни информации“, заклучи Цијарас.

ВИДЕО | „Спиев, а потоа се видов облеан во крв“: шокантна исповед на Србинот кој речиси падна од прозорец на авион во лет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот