По Бугарија, сега и Грција стави вето на санкции против Русија
Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија денес не успеаја да постигнат договор за 21-от пакет санкции против Русија поради нејзината војна во Украина, изјави дипломат на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Според него, претставниците на земјите-членки ќе се состанат повторно во четврток во обид да се договорат за нов пакет рестриктивни мерки.
Предложениот пакет, меѓу другото, предвидува нови мерки насочени кон рускиот банкарски сектор, со цел дополнително ограничување на можностите за финансирање на руската економија во време кога Брисел проценува дека рускиот финансиски систем е под зголемен притисок.
Сепак, главната пречка во преговорите стана Грција, која се стреми да ги ублажи веќе договорените ограничувања за увоз и трговија со руски течен природен гас (LNG), поради што сè уште не е постигната едногласна поддршка за новиот пакет санкции, соопшти агенцијата.
Грција е светска превозна сила, а транспортот на течен руски гас преку водите и пристаништата на ЕУ носи милијарди приходи.
Усвојувањето на санкциите во Европската унија бара согласност од сите 27 земји-членки.
Од февруари 2022 година, кога Русија ја започна војната во Украина, Европската Унија постепено воведува пакети санкции насочени кон рускиот финансиски, енергетски, воен и технолошки сектор, како и кон поединци и компании поврзани со Кремљ.
Пакетите досега вклучуваа исклучување на неколку руски банки од меѓународниот систем за плаќање SWIFT, замрзнување на средствата на руската централна банка, забрана за извоз на напредни технологии, ограничувања за увоз на руска нафта и јаглен, како и мерки насочени кон намалување на приходите на Москва од извоз на енергија.
Пред една недела, Европската Унија не успеа да договори санкции за рускиот патријарх Кирил откако Бугарија стави вето на предлогот на состанок што се одржа зад затворени врати. Бугарија се спротивстави и на казнувањето на Вагит Алекперов, руски милијардер со врски со Кремљ и „Лукоил“.
Двете имиња беа тргнати од предлог-листата за санкции на вонреден состанок на евроамбасадорите, на кој требаше да се постигне конечен договор. Ова, сепак, беше очекувано, откако бугарскиот премиер Румен Радев минатиот месец јавно потврди дека ќе стави вето.
Бугарија стави вето — ЕУ повторно не успеа да го стави под санкции рускиот патријарх Кирил


