Бугарија стави вето — ЕУ повторно не успеа да го стави под санкции рускиот патријарх Кирил
Европската Унија не успеала да договори санкции за рускиот патријарх Кирил откако Бугарија ставила вето на предлогот на состанок што се одржал зад затворени врати. Бугарија се спротивставила и на казнувањето на Вагит Алекперов, руски милијардер со врски со Кремљ и „Лукоил“, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Двете имиња биле тргнати од предлог-листата за санкции на вчерашен вонреден состанок на евроамбасадорите, на кој требало да се постигне конечен договор. Ова, сепак, било очекувано, откако бугарскиот премиер Румен Радев минатиот месец јавно потврди дека ќе стави вето.
„Каква порака испраќаме кога ги прошируваме санкциите и војната во сферата на религијата? Дали сфаќаме каде води ова?“, рекол Радев, според неколкумина дипломати.
Кирил беше обвинет за ширење ревизионистичка пропаганда за да ја оправда војната во Украина. Под негово водство, Руската православна црква одобри документ кој повикува на уништување на украинската независност и ја опишува инвазијата како света војна.
ЕУ првпат се обиде да го стави Кирил на црната листа во 2022 година, но ова беше блокирано од Унгарија.
„Ерата на крстоносните војни заврши. Не ме интересира рускиот патријарх како поединец. Ме интересира фактот дека тој е шеф на Руската православна црква, која е источноправославна, исто како и нашата црква. Загрижен сум за милионите луѓе кои припаѓаат на таа црква“, кажал Радев.
За ветото на санкциите за Алекперов, Радев рекол дека „тоа би било како да си пукаме во нога“, откако „Лукоил“ побара отштета од три милијарди евра поради одлуката на бугарската влада за преземање на рафинеријата „Нефтохим“ во Бургас.
Рускиот патријарх Кирил изрази подготвеност за дијалог со новоизбраниот папа и со Ватикан


