Ужас во српско училиште: деца бранеле другарка од манијак кој ја допирал, тој се вратил со пиштол и пукал кон нив
Насилник од српскиот град Смедерево ноќеска бил уапсен откако со воздушен пиштол пукал кон група тинејџери во дворот на основно училиште и погодил еден од нив во раката, пренесува „Нова“.
Препорачано
На пукањето му претходела расправија и туркање меѓу групата тинејџери и 24-годишниот осомничен, откако момчињата се обиделе да ја одбранат девојка која осомничениот наводно ја допирал.
„Во еден момент тој ѝ пришол на девојката и наводно ја допирал, по што тинејџерите му пришле и му рекле да престане. Тогаш дошло до туркање“, изјавил извор за весникот „Блиц“.
Според неофицијалните информации, осомничениот по расправијата отишол дома и го зел пиштолот, а потоа се вратил во училиштето и пукал кон децата.
При пукањето, едно од децата било погодено во раката.
„На друг тинејџер му вперил пиштол и му се заканувал дека ќе го застрела“, изјавил изворот.
Полицијата во Смедерево објави дека осомничениот, со иницијали У.Р., по индицентот се обидел да побегне прво со скутер, а потоа и пеш, но полициските службеници набрзо го стигнале и го уапсиле.
При претрес на семејната куќа на осомничениот, бил пронајден и одземен гасен пиштол со соодветна рамка, во која имало 11 метални топчиња.
По налог на основниот јавен обвинител, на осомничениот му е одредено задржување до 48 часа, по што, со кривична пријава, ќе биде приведен пред обвинителството.


