Џуљиан Шабани избран за заменик-директор на МРТ
Џуљиан Шабани е нов заменик-директор на МРТ, одлучи Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија. Избраниот кандидат, како што информираат оттаму, има високо образование од областа на администрација и менаџмент.
Препорачано
„Во постапката учествуваа осум кандидати, чии програми за работа беа разгледани и оценувани по принцип на анонимност, односно под шифра, без увид во идентитетот на кандидатите. По завршувањето на оценувањето и обезбедувањето на потребното мнозинство гласови, беше утврден идентитетот на избраниот кандидат, по што беше извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на документацијата. Програмскиот совет смета дека со ова е заокружен процесот на избор на раководството на Македонската радио-телевизија, спроведен врз основа на однапред утврдени критериуми, почитување на законските процедури и принципите на еднаков третман на сите кандидати“, информираа од МРТ.
Од новоизбраниот заменик на директорот на МРТ, додаваат од Програмскиот совет, очекуваме активно да придонесе во унапредувањето на работењето на јавниот сервис, во организацијата на работните процеси и во реализацијата на програмските и развојните цели на Македонската радио-телевизија, во соработка со директорот и со вработените.
Шабани зад себе има богата кариера во неколку од најпознатите телевизии во земјава, меѓу кои ТВ Хана, ТВ ЕРА, Алсат-М, МРТ, А1 телевизија и ТВ21. Во текот на својата кариера работел во телевизиска режија, продукција, менаџмент и комуникации, а дури 16 години извршувал раководни функции, управувајќи со редакции, продукциски тимови, компании и медиумски проекти.


