Над 21.000 потписи за „Визер“ — граѓаните со петиција бараат да не се затвори базата во Белград
Претставници на унгарската компанија „Визер“ денеска пред Директоратот за цивилно воздухопловство предадоа повеќе од 21.000 потписи од граѓани со барање да се зачува базата на компанијата во Белград, објави „Н1“.
Препорачано
„Бараме да му се овозможи на ‘Визер’ непречено да работи во Белград, каде што по 15 години работење неговото присуство е доведено во прашање“, изјави менаџерката на базата на кабинскиот персонал на „Визер“ во Белград, Невена Тодоровиќ.
Таа додаде дека компанијата сака да продолжи со работењето во Белград, но дека поради измените на правилникот за издавање дозволи на странски авиопревозници за вршење меѓународен јавен авионски превоз со Србија, кои Директоратот ги усвои во март годинава, околу 200 вработени би можеле да останат без работа.
„Со измените на правилникот им се оневозможува на компаниите регистрирани во Европската Унија да ги започнуваат и завршуваат своите летови во Белград. Ќе биде дозволено само авионите да полетуваат од земјите на ЕУ и повторно да се враќаат таму“, рече таа.
Тодоровиќ нагласи дека компанијата работи во согласност со локалните закони за воздушен сообраќај.
Таа посочи дека досега бил одржан само еден состанок меѓу унгарските и српските власти за цивилно воздухопловство и дека затоа сакаат да продолжат со дијалогот за да се постигне заедничко решение.
Според неа, петицијата ја потпишале граѓани кои ја препознале важноста од постоењето на нискобуџетска авиокомпанија во Белград, како и значењето на поврзаноста со европските градови.
„Им се обраќаме на надлежните институции во Србија за да овозможиме разговор и решавање на оваа ситуација, која доведе до тоа нашите работни места во Белград, по 15 години работа, да бидат загрозени“, изјави таа.
Од Директоратот за цивилно воздухопловство претходно соопштија дека измените на правилникот, кои треба да почнат да се применуваат од ноември 2026 година, не претставуваат ограничување на правата за воздушен сообраќај, туку уредување на регулаторната рамка што подеднакво ќе се применува на сите авиопревозници кои работат на српскиот пазар.
Нискобуџетните летови од Германија поскапуваат – најевтини кај „Визер“, најскапи кај „Еуровингс“


