Нискобуџетните летови од Германија поскапуваат – најевтини кај „Визер“, најскапи кај „Еуровингс“
Авионските патувања од германските аеродроми стануваат сè поскапи, предупредува Германскиот центар за воздухопловство (ДЛР) во својата најнова анализа на пазарот. Причините за растот на цените се поврзуваат со намалената понуда на летови, зголемените даноци и аеродромски такси.
Препорачано
Буџетските авиокомпании, кои досега важеа за најевтина опција, исто така ги зголемиле цените, јавува ДПА.
Просечната цена на билет во еден правец без багаж се движи помеѓу 67 и 130 евра, што е слично на минатогодишниот опсег (66–130 евра), но со мали поединечни растови.
Минатогодишниот најевтин превозник, Рајанер, ги зголеми цените од просечни 66 на 80 евра. ИзиЏет останува во средниот сегмент со просек од 86 евра, два евра повеќе од 2024 година. Еуровингс, подружница на Луфтханза, останува најскапа, со билети од околу 130 евра по лет.
Најголемо намалување бележи ВизЕр, кој сега важи за најевтин превозник, со просечна цена на билет од 67 евра – пад од 94 евра лани. Компанијата е позната по летови кон дестинации во Источна Европа.
ДЛР во анализата ги спореди цените од 11 март за различни европски рути и различни временски периоди на резервација – од три месеци однапред до само еден ден пред летот. Заклучокот е јасен: колку порано се резервира билет, толку е поевтин.
На пример, билет резервиран еден ден пред поаѓање може да чини од 119 евра со ВизЕр до 169 евра со Еуровингс, додека билет резервиран три месеци однапред може да чини само 46 евра со Рајанер.
Најскапиот билет што го евидентирал ДЛР бил за летот од Дизелдорф до Стокхолм, седум дена пред поаѓање – по цена од речиси 500 евра.


