ВИДЕО | „Смат“ ја промовираше „Прекрасен ден“, песна со поинаква порака од досегашните
Македонскиот хардкор бенд „Смат“ го објави видеоспотот за новата песна „Прекрасен ден“, која од денеска е достапна на Јутјуб.
Препорачано
Неколку дена пред премиерата, бендот откри дека „Прекрасен ден“ тематски се разликува од нивното досегашно творештво. Наместо општествената критика, која е препознатлив белег на нивните текстови, новата песна е посветена на вредноста на миговите поминати со најблиските.
По тој повод, вокалистот Ѓорѓи Иловски – Џоле им се обрати на обожавателите со порака: „Самата песна тематски е тотално различна од темите кои сте навикнати да ги слушате од нас текстуално. Нашата сцена секогаш зборуваше за се што не е во ред во светот од сите аспекти. Сега кога ништо не е во ред, време е да погледнеме на убав ден поминат со личност што ви значи. Ден кој нема да се повтори, а никогаш не сте му дале значење и сме го земале тоа здраво за готово. Уживајте во моментите со блиските и нека ‘Прекрасен ден’ биде ваша мантра!“.
Во истата објава тој нагласи дека при снимањето на видеоспотот не била користена вештачка интелигенција.
Претходно, бендот ја претстави и илустрацијата за песната, чиј автор е Дамјан Ѓоргиевски. Од „Смат“ соопштија дека таа се надоврзува на неговите претходни дела и создава една визуелна приказна низ целиот албум.
„Прекрасен ден“ е издание на „Пасворд продукција“, а снимањето, едитирањето, миксот и мастерингот ги потпишуваат Горан Ристевски и Мартин Николовски. Продукцијата на синглот е на „Смат“.
„Смат“ е формиран во 1996 година во Скопје и важи за еден од најзначајните македонски хардкор бендови. Во својата кариера има објавено пет студиски албуми и настапувано со бројни светски имиња од хардкор и метал сцената.


