Изборниот законик заглави меѓу реформите и партиските пресметки
Пропадна обидот на Левица да ги седне на иста маса опозициските партии со цел да постигнат заеднички став околу измените на Изборниот законик. Откако социјалдемократите ја отфрлија идејата оценувајќи ја како театар и игра на власта, од Левица жестоко реагираа дека СДСМ уште еднаш потврдил дека политичката ирелевантност не е само прашање на изборен резултат, туку и на политички рефлекс.
Препорачано
– Партија што со години секој принцип го претвораше во монета за поткусурување, денес се обидува да држи лекции за опозиционерство на парламентарна партија што иницираше координација на опозицискиот блок околу суштинска реформа на Изборниот законик. Наместо одговорна и достоинствена реакција и воопшто став за една изборна единица, СДСМ излезе со соопштение составено од политичка фрустрација и очајнички обид вниманието да се пренасочи од темата што очигледно најмалку им одговара – соопштија од Левица.
Оттаму посочија дека СДСМ во текот на целата дебата за Изборниот законик не изградил ниту една препознатлива политичка позиција за суштинските прашања.
– Наместо да објаснат дали се за една изборна единица, дали секој глас треба да вреди еднакво и дали Македонија конечно треба да добие поправеден изборен систем, тие упорно се обидуваат дебатата да ја сведат на конспиративни теории. Одбивањето координација претставува директно пропуштање на можноста власта да биде обврзана да прифати заеднички опозициски став. Особено симптоматично е што партијата што со години тврдеше дека се залага за една изборна единица, денес одбива дури и да седне на маса за да разговара за таква реформа – реагираат од партијата на Димитар Апасиев и додаваат дека СДСМ со своето одбивање не ја казнува Левица, туку ја пропушта можноста опозицијата да настапи усогласено и да издејствува подобри изборни правила.
Опозициската партија Левица викендов најави дека ќе иницира координативна средба за измените на Изборниот законик меѓу опозициските партии. Идејата на партијата беше опозицијата да ги усогласи ставовите и да изгради единствен предлог.
Од СДСМ вчера соопштија дека нема да учествуваат на состанокот нагласувајќи дека станува збор за театар и игра на власта. Од СДСМ се децидни дека веќе ги доставиле своите предлози во Собранието и оти нема потреба од нови.
– СДСМ веќе ги даде своите јасни и конкретни предлози во Собранието. Нашите предлози се јасни: гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава. Ова е класичен обид на Мицкоски, преку своите сателити, да создаде привид дека опозицијата ја блокира реформата на Изборниот законик. Но вистината е спротивна. Мицкоски е тој што сака закон со кој ќе може да се крадат гласови од дијаспората – соопштија од СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска порачаа дека најголема штета од блокирањето на Изборниот законик од страна на опозицијата, ќе претрпат македонските граѓани што живеат надвор од државата.
– Со месеци се бараше заедничко решение, но наместо процесот да заврши со политички консензус, СДС, Левица и ДУИ избраа да го блокираат законот и да ги стават сопствените партиски интереси пред интересите на десетици илјади македонски иселеници. ВМРО-ДПМНЕ јасно порача дека ќе ги прифати сите барања на опозицијата, иако тие барања не се суштински, само дијаспората да може да гласа по електронски пат или по пошта. Македонската дијаспора заслужува еднакво право на учество во изборните процеси – изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Разидувањето за измените на Изборниот законик започнаа уште во април. СДСМ ја напушти работната група во Министерството за правда откако, и покрај предупредувањето на опозицијата, власта го укина моделот на т.н. техничката влада пред парламентарни избори, воспоставен со пржинските преговори во 2015 година за излез од тогашната политичка криза.
Во последниве недели се наметна прашањето за гласањето на дијаспората. Таа и сега има право да гласа, но само со лично присуство на гласачот во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ предлага дијаспората да гласа електронски или по пошта што од СДСМ го отфрлија обвинувајќи ја владејачката партија за обид за изборен грабеж. За СДСМ, исто така, е несоодветно гласачите во земјава да се идентификуваат и со отпечаток од прст, а дијаспората да гласа со непроверен механизам. Социјалдемократите бараат формирање експертска комисија за прашањето, а ВМРО-ДПМНЕ во тој предлог гледа само развлекување на постапката.
Покрај дебата за начинот на кој би гласала дијаспората, евентуалните измени на Изборниот законик предвидуваат и значаен број други новини и предлози – од начинот на финансирање на кампањите на партиите до предлозите за менување на моделот на изборни единици.


