Илустрација „Слободен печат“ / фото од Основен кривичен суд Драган Митрески
Илустрација „Слободен печат“ / фото од Основен кривичен суд Драган Митрески

Цената на едно бебе: Мајка се породи во кумановската болница, па си го продаде новороденчето на брачна двојка што не можела да има деца за 5.000 евра, со посредство на згрижувачка на ЦСР

Дебели затворски казни за трговија со дете изрече Скопскиот кривичен суд преку судијката Фанка Јанчулева Михаиловска за трговија со дете. Пресудата е првостепена и на неа се вложени жалби, a открива дека неколку дена по раѓањето во кумановската болница, наместо дома со својата мајка, новородено девојче завршило во домот на брачен пар од скопско. Пред тоа биле организирани средби, лекарски прегледи, телефонски разговори, финансиска помош за бремената жена и потпишување нотарска изјава во која лажно било наведено дека татко на девојчето е оној што го купил а кој бил во  брак во кој со сопругата не можеле да имаат деца. Судот утврдил дека станувало збор за организирано незаконско предавање на новороденче, во кое посредувала згрижувачка на Центарот за социјални работи за која има уште една постапка за истото кривично дело, а крајната цел била да се заобиколи законската постапка за посвојување.

Згрижувачката на Центарот за социјални работи, која не работела во ЦСР туку згрижувала деца повеќе пати во минатото, според судот имала клучна улога во поврзување на брачните партнери со биолошката мајка на бебето и без нејзината активна улога не би дошло до реализација на делото.

-Активно и континуирано учествувала во текот на бременоста, преку одржување контакти и координација иако била свесна дека не се работи за обична помош или посредување во дозволена трговија, што укажува дека не станува збор за случајно или еднократно постапување, туку за свесно и организирано искуство. Впрочем од анализата на телефонската комуникација произлезе дека ова не е прв и единствен случај каде истата посредува при продажба на деца, со оглед дека и друго лице ја информира дека треба да најде клиенти за уште 5 бебиња, си разменуваат фотографии од бебе, што укажува на сериозна вклученост на обвинетата  во посредување при продажба на штотуку родени бебиња, се наведува во пресудата.

Судот утврдил дека уште за време на бременоста започнале подготовките за предавање на детето. Идниот „татко” финансиски ја помагал бремената жена, додека посредничката ја носела на лекарски прегледи за следење на бременоста. Тоа не било дел од законска процедура за посвојување, туку, според судот, подготовка новороденчето по раѓањето да биде предадено на брачниот пар без да се мине низ институциите задолжени за заштита на децата.

Обвинителството во текот на судењето ја реконструирало целата комуникација меѓу обвинетите преку телефонски анализи, „Ватсап“ пораки, движење на мобилните телефони преку базни станици и сведочења. Еден од клучните моменти бил фактот дека лицето кое подоцна требало да го преземе бебето првпат воспоставило контакт со родилката дури во ноември 2024 година, што, според обвинителството, ги побивало нивните тврдења дека одамна биле во љубовна врска.

Особено внимание на судењето привлекле пораките извлечени од мобилните телефони. Во телефонот на биолошката мајка на бебето, обвинетиот бил запишан како „А. за дете”. Во комуникацијата тие разговарале речиси исклучиво за бременоста, за документите што ќе бидат потребни по раѓањето и за иднината на бебето.

Во една од пораките обвинетиот пишува дека не го интересираат ниту парите ниту документите, туку само бебето, додека во друга, кога мајката побарала да си ја врати ќерката, ѝ одговара дека „ѝ дал сè што побарала” и дека ќе ѝ ги даде и „уште тие 1000″. Токму овие пораки обвинителството ги користело како доказ дека комуникацијата не се одвивала меѓу вистински партнери.

Одбраната тврдела дека бремената жена и мажот кај кого завршило бебето, биле во вонбрачна врска и дека тој верувал оти детето е негово, што не беше прифатено од судот. ДНК анализата на Институтот за судска медицина покажа дека тој не е биолошки татко на детето, иако на нотар таква лажна изјава дала биолошката мајка – дека тој е татко на детето и му го остава на чување и воспитување бидејќи таа ќе замине во странство.

Во пресудата се наведува дека посредничката згрижувачка на Центарот за социјални работи, добро знаела дека брачниот пар не може лесно да дојде до посвојување преку редовната законска процедура. Според обвинителството, таа им објаснила како може да се заобиколи системот. Наместо детето да биде дадено на посвојување преку Центарот за социјална работа и Комисијата за засновање посвојување, планот бил мажот да го признае како свое, а потоа неговата сопруга, по значително пократка постапка, да го посвои како дете на својот брачен другар од паралелна вонбрачна врска. Со тоа би се избегнале сите проверки што ги предвидува Законот за семејството. Во законската постапка, мајката не може ниту да даде согласност за посвојување пред детето да наполни три месеци, а целата процедура ја водат надлежните институции. Во конкретниот случај, според судот, тие институции требало целосно да бидат прескокнати.

Од породилното одделение, преку нотар, до домот на брачната двојка: Денот кога новороденчето го смени домот

 

Само неколку часа по отпуштањето од кумановската болница започнала финалната фаза од планот што, според првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, се подготвувал со месеци. Наместо новороденото девојче да замине дома со својата мајка, следната станица била нотарска канцеларија, а потоа куќата на брачен пар кој сакал да стане негово ново семејство, без да ја помине законската процедура за посвојување.

Според утврдената фактичка состојба, мајката се породила во Општата болница во Куманово. Неколку дена подоцна, на сопствено барање, била отпуштена од болницата заедно со бебето. Но, наместо да се врати во својот дом, групата веднаш се упатила кај нотар.

Таму, според пресудата, мајката потпишала однапред подготвена нотарска изјава во која навела дека обвинетиот е татко на детето и дека му го доверува на чување и воспитување бидејќи таа наводно ќе замине во странство. Веднаш по потпишувањето, новороденчето заминало со брачниот пар во нивниот дом во скопско. Тоа е еден од клучните моменти врз кои судот ја темели одлуката дека станувало збор за незаконско преземање на детето надвор од законската процедура.

Но, токму во тој дел, обвинителството открило низа околности што, според него, покажувале дека приказната за „таткото” не одговара на фактите.

Најсилниот доказ било ДНК-вештачењето изработено од Институтот за судска медицина. Анализата покажала дека обвинетиот не е биолошки татко на новороденчето. Планот бил тој да го признае детето како свое, а потоа неговата сопруга да го посвои како дете на брачен другар добиено надвор од бракот – постапка која е значително пократка од редовното посвојување.

Од екстрахираните Ватсап пораки произлегло дека најинтензивната комуникација меѓу мајката и нелегалниот посвојувач, се одвивала непосредно пред породувањето. Разговарале за документите што треба да се обезбедат, за признавање на детето и за тоа како ќе изгледа животот на бебето кај новото семејство.

Една порака особено го привлекла вниманието на судот:

Кога по породувањето мајката побарала повторно да ја земе својата ќерка, обвинетиот ѝ напишал дека бил „човек од збор”, дека ѝ дал сè што побарала и дека ќе ѝ ги даде и „уште тие 1000″. Обвинителството сметало дека ваквата комуникација не личи на разговор меѓу родители кои се грижат за заедничко дете, туку на разговор меѓу лица кои претходно договориле предавање на новороденчето.

Дополнителен сомнеж предизвикал и начинот на кој обвинетиот бил запишан во телефонот на мајката.

Наместо со лично име или некој интимен опис, тој бил зачуван како „А. за дете”, што обвинителството го искористило како аргумент дека нивниот однос бил врзан со продажбата на бебето, а не за наводната љубовна врска на која се повикувала одбраната. Меѓу доказите што ги разгледувал судот имало видеоснимки од акушерското одделение во Куманово, од филијала на банка, но и од нотарската канцеларија каде што била потпишана изјавата.

Одбраната, пак, презентирала сосема поинаква приказна.

Според адвокатите на одбраната, обвинетиот искрено верувал дека детето е негово, а финансиската помош што ѝ ја давал на родилката не била цена за бебето, туку помош за жена со која бил во емотивна врска. Одбраната тврдела дека мајката доброволно го оставила детето привремено кај него додека ги среди условите за живот и дека никогаш немало намера трајно да се откаже од својата ќерка.

Но судот не ја прифатил таа верзија.

Во образложението се наведува дека доказите, разгледани како целина, покажуваат однапред договорено преземање на новороденчето надвор од законската процедура за посвојување, со посредување на згрижувачката на ЦСР и со активна улога на останатите обвинети.

„Ќе си ја земам ќерката” – пораката од биолошката мајка што го распадна планот

 

По денови поминати во домот на брачната двојка, планот што со месеци се подготвувал почнал да се распаѓа, затоа што биолошката мајка отишла во полиција да пријави дека не ѝ го враќаат детето, односно таа почнала да бара да си го врати новороденчето.

Во една од пораките, мајката му соопштува на човекот за кого дала лажна изјава на нотар дека е таткото на бебето, дека сака повторно да ја земе својата ќерка.

Одговорот што следува станал еден од најважните докази во предметот.

Обвинетиот ѝ пишува дека тој бил „човек од збор”, дека ѝ дал сè што побарала и дека ќе ѝ ги даде и „уште тие 1.000″. Обвинителството токму во оваа комуникација препознало доказ дека односот меѓу обвинетите не се темелел на заедничко родителство, туку на договор поврзан со новороденчето.

Изречени беа затворски казни од осум години за посредничката згрижувач на деца на ЦСР, седум години за првообвинетиот, шест години за биолошката мајка, четири години за сопругата на првообвинетиот и шест месеци затвор за обвинета која не го пријавила делото иако, според судот, знаела што се случува бидејќи и таа одела со бремената жена на гинеколошките прегледи.

До моментот кога мајката побарала да си го врати бебето, веќе ѝ биле исплатени 4.000 евра за бебето, кои ги уплатила на банкомат на својата банкарска сметка по излегувањето од болницата, покрај тоа што за време на бременоста примала и облека, намирници и други предмети од првообвинетиот.

Според судот отежнителна околност за неа е тоа што како мајка го предала новороденото бебе веднаш по раѓањето, без да воспостави родителски однос, свесно примала континуирана корист за време на бременоста, која се сведува не само за неопходни намирници, туку и барања за нова и убава облека, околноста што примила финансиска корист и на денот на предавањето на бебето и активно учествувала во формализирање на незаконитото предавање преку давање изјава пред нотар, со што придонела за реализација на делото , а состојбата на бременост и раѓањето на детето ги користи за свои цели, барајќи материјални средства и добра за тоа, изедначувајќи го роденото дете со вредност на купени фармерки, ташна, тепсија баклава, чоколади доколку го дои детето и пари во износ од 4.000 евра. Како олеснителни околности кои стојат на страна на обвинетата се околноста што е социјално и економски ранлива, подоцна сама го пријавува кривичното дело, до сега не е осудувана, ниту против неа се водат други кривични постапки, наведува судот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот