Кејн, Белингем и Роџерс/EPA/SHAWN THEW

ВИДЕО | Ремек-делото на Шјелдеруп не беше доволно за Норвешка, Англија по 120 минути во Мајами до полуфинале

Англиската фудбалска репрезентација обезбеди место меѓу четирите најдобри селекции на Светското првенство, откако по 120 минути на стадионот во Мајами ја совлада Норвешка со 2:1 (1:1, 1:1). Херој на „Гордиот Албион“ беше Џуд Белингем, кој ги постигна двата гола за Англичаните и им донесе големо славје.

Фудбалот често знае да биде суров, бидејќи не победува секогаш подобриот тим, туку оној што подобро ги користи шансите. Така беше и овојпат, Англија со головите на Белингем четврти пат во својата историја се пласира во полуфинале на Светско првенство.

Почетокот на натпреварот не понуди многу возбудувања. Англичаните имаа поголем посед на топката во првите триесетина минути, но не успеаја сериозно да го загрозат голманот Орјан Ниланд.

Сепак, во 36. минута следуваше вистинско ремек-дело на Андреас Шјелдеруп. Тој шутираше од левата страна, а топката на изненадување на сите заврши зад грбот на Џордан Пикфорд за водство на Норвешка.

Погодокот им даде дополнителна самодоверба на Норвежаните, кои заиграа уште поофанзивно и создадоа неколку опасни ситуации. Во моментите кога изгледаше дека Англија е во големи проблеми, Џуд Белингем се појави во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме и со прецизен удар го совлада Ниланд за 1:1.

До паузата Хари Кејн ја затресе и мрежата на Норвешка, но погодокот беше поништен поради офсајд.

Во второто полувреме немаше голови, иако Норвежаните повторно беа поконкретен противник, не ги искористија своите шанси.

Одлуката падна во продолженијата. Во третата минута од првото продолжение, Ниланд направи грешка слична на вчерашната на Леманс на голот на Белгија и тоа Белингем го искористи за втор гол со кој донесе големо славје на Англичаните.

Англија во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот помеѓу Аргентина и Швајцарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот