Ахмети и Касами се надмудруваат за можни избори во Тетово

Вреди типува да гласа за одлуката на ДУИ и потоа да оди на распуштање на Советот и на предвремени избори за советници на Тетово. Ахмети, пак, му готви изменета листа на имиња на улици во Тетово што ќе значи дека советниците ќе гласаат нова одлука и со тоа, според ДУИ, ќе нема основ за распуштање на Советот.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и копретседателот на Вреди Билал Касами се надмудруваат дали Тетово повторно ќе оди на избори. Клучна ќе биде седницата на Советот на Општина Тетово закажана за в понеделник, на која, на барање на ДУИ, Вреди прифати советниците повторно да ја гласаат одлуката што Уставниот суд неодамна ја укина и со тоа да ги вратат имињата на улиците.
Кој кого политички ќе надмудри ќе се знае по викендот. Вреди типува да гласа за одлуката на ДУИ и потоа да оди на распуштање на Советот и на предвремени избори за советници на Тетово. Ахмети, пак, му готви изменета листа на имиња на улици во Тетово што ќе значи дека советниците ќе гласаат нова одлука и со тоа, според ДУИ, ќе нема основ за распуштање на Советот.

– Вреди го прифати барањето на ДУИ и иницијативата за преименување на улиците од 2007 година што Уставниот суд ја укина, ја стави на дневен ред на седницата в понеделник. Потегот е политички, односно откако ќе помине одлуката, Советот на Тетово ќе се распушти и ќе одиме на избори за советници. Ако станува збор за изменет или за друг предлог, нема да гласаме, бидејќи општинската Комисија ја финализира листата со имиња на улици во Тетово – велат за „Слободен печат“ од Вреди.

И тетовскиот градоначалник Касами потврди дека е можно да има нови избори за советници во Тетово.

– Процесот за именување улици треба да биде демократски, во согласност со Уставот и со законот. Предлог-одлуката предложена од ДУИ е во завршна фаза. Откако ќе поминат сите дебати, предлозите на граѓаните и согласност од Владата, се доаѓа до одлуката што сега е предложена од ДУИ. Ако се оди со таа одлука и советниците ја прифатат, според согледувања на експерти од правната фела, Советот автоматски оди на реизбор – рече Касами.

Од ДУИ им порачуваат уште еднаш да го разгледаат предлогот.

– Во нашата иницијатива бараме промена на имињата на 67 улици, не само тие што беа укинати од Уставниот суд. Правнички гледано станува збор за нова иницијатива така што нема основ за распуштање на Советот и за избори во Тетово – вели за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.

И од советничката група на ДУИ ни потврдија дека доставиле нов предлог со 67 имиња на улици, од кои 52 се нови.
Инаку, во член 75 од Законот за локална самоуправа се посочуваат условите за распуштање на Советот.

„Советот се распушта ако:
1. Повторно го донесе прописот што претходно бил поништен или укинат со одлука на Уставниот суд на Република Македонија.
2. Донесе одлука со која се загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.
3. Не се состане за период подолг од шест месеци.
4. Не го донесе буџетот и годишната сметка и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година.“

Од листата поднесена од интегративците повторно се бара плоштадот и улицата „Маршал Тито“ да се преименуваат во „Илирија“. Улицата „ЈНА“ почнувајќи од „Илинденска“ до крстосницата со улицата „Борис Кидриќ“ да се преименува во „Дервиш Цара“. Дел од улицата „ЈНА“ да се именува во „Солунски атентатори – Гемиџии“. Улицата „29 Ноември“ да биде „Мехмет-паша Дерала“, како и улицата „Иво Лола Рибар“ до Порој и Џепчиште да се именува во „Маченици на нацијата“.
Меѓу имињата што ДУИ ги предлага за улиците што сега се означени со бројки се и „Блаже Конески“, „Матеја Матевски“, „Тургут Озел“, „Ѓерг Кастриот Скендербег“, но и по имиња на градови, како „Скопска“, „Бриселска“, „Берлинска“, „Косовска“, „Тиранска“. Се предлага Тетово да добие и улици именувани по „Нелсон Мендела“, „Вилијам Шекспир“, како и по „Фадил Сулејмани“ и „Мујдин Алиу“ од косовската УЧК.

Во пресрет на седницата на Советот, ДУИ за утре закажа протести во Тетово, кои освен за ситуацијата со улиците е и поради, како што велат оттаму, постојаното уривање на Рамковниот договор од страна на власта.

– В сабота почнува граѓанската иницијатива за заштита на Охридскиот договор. Тетово ќе биде местото каде што илјадници граѓани ќе се соберат на мирен протест за да ги одбранат уставниот поредок, правната сигурност и вредностите што веќе 25 години обезбедуваат мир, стабилност и добри меѓуетнички односи во Македонија – велат од ДУИ.

Повод за протестот е одлуката на Уставниот суд, но како што велат од ДУИ, незадоволството на граѓаните е многу пошироко.

 

Касами може да изненади со нови избори за Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот