Студентски дом „Гоце Делчев“, фото: Државен студентски дом / Фејсбук

Кој ќе внесе алкохол во студентска соба, нема да стапне во домот и до пет години

По помалку од два месеци од претходните, во македонското Собрание се доставени нови измени на Законот за студентски стандард, со кои се заострува сместувањето во државните студентски домови. Измените ќе значат воспитни мерки до забрана за престој, како и определување на 30-годишна возраст, како горна граница, до кога ќе може да се добие сместување во дом.

Со законските измени, на студентите кои не се придржуваат на утврдениот куќен ред може да им се изрече воспитна мерка писмена опомена, опомена пред отстранување и забрана на користење на услугите во студентските домови на територија на државата. Овие мерки за за полесни прекршоци, како недолично и неодговорно однесување кон другите студенти и вработените во студентскиот дом, неодговорно однесување кон имотот и инвентарот на студентскиот дом со што се предизвикува помала материјална штета, непочитување на забраната за пушење во студентскиот дом, непристојно однесување во ресторанот на студентскиот дом, неодржување на хигиената во собата и заедничките простории во студентскиот дом и пуштање гласна музика.

За потешки повреди на куќниот ред на студентскиот дом, може да биде изречена забраната на користење на услугите во студентските домови на територија на Македонија во период од една до пет години.

Студентите од домот „Никола Карев“ шест дена живеат под свеќи и без топла вода

Потешка повреда е на пример, внесување и употреба на алкохол во собата, отстапување на користење на собата на друго лице со стекнување на материјална корист, како и нередовно плаќање на станарината.

Во измените се предвидува изрекување на забрана за користење на услугите на студентски дом поради ненавремено пријавување на дефекти на уредите кои би предизвикале материјална штета, внесување и употреба на наркотични средства, непридржување кон прописите за заштита од болест, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и повреда на прописите за заштита на животната средина, навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување и десетина други прекршувања.

По конечната одлуката за некоја изречена воспитна мерка, студентските домови ќе имаат обврска во рок од три дена да го известат Министерството за образование и наука.

Измените на Законот за студентски стандард се поднесени пред четири дена со потпис на четири пратенички од ВМРО ДПМНЕ.

Претходните измени на истиот закон, во втората половина на мај, предизвикаа различни реакции во јавноста. Со нив се воведуваше нова поделба на студентските домови и се менуваше моделот на државно финансирање за сместување и стипендии.

Со тие измени, студентските домови се препознаваат како два типа, при што се прави разлика меѓу реконструирани и постојни домови, каде што во реновираните домови студентите ќе плаќаат повисока, додека во постојните пониска цена за престој. Воедно, се редефинираше и системот на стипендии, па повеќето реакции дека ќе се намали бројот на стипендии за студенти од социјални категории од 49 на 40 проценти.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пак, рече дека нема намалување на студентските стипендии.

„Бројот на стипендии не е уреден со закон, туку се утврдува секоја година согласно Буџетот и потребите на државата. Со измените се предвидува подобро прераспределување на стипендиите за да имаме стипендии базирани на успех, потребите на државата и пазарот на трудот“, соопшти тогаш Јаневска.

Студентите ќе плаќаат поскапо во реновираните домови, ќе има помалку стипендии за социјалните категории

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот