Фото: EPA/MOHAMED HOSSAM

Мохамед Салах со емотивно обраќање до навивачите по елиминацијата од Мундијалот

Репрезентативецот на Египет, Мохамед Салах, го прекина молчењето на социјалните мрежи откако неговата земја беше елиминирана од Светското фудбалско првенство во 2026 година по поразот од Аргентина (3:2) во осминафиналето.

Египќаните беа на работ на вистинска сензација, откако водеа со 2:0 против актуелните светски шампиони само 15 минути до крајот на регуларното време. Сепак, Аргентинците направија целосен пресврт со три гола во финишот на мечот со кои го завршија сонот на Египет.

Стручниот штаб и играчите на Египет бурно реагираа кон судиите за победничкиот гол на Енцо Фернандез во судиското продолжение. Египќаните беа бесни што голот не беше поништен, бидејќи Салах беше фаулиран во аргентинскиот шеснаесетник само 30 секунди претходно, но не беше досуден пенал. Претходно во натпреварот уште еден египетски гол беше поништен по контроверзна одлука.

По последниот свиреж, напаѓачот Мустафа Зико директно објави во интервју дека натпреварот е „наместен“, а египетскиот селектор Хосам Хасан рече дека ќе одбие да го гледа остатокот од Светското првенство во знак на протест. Египетската фудбалска федерација веќе официјално поднесе жалба до ФИФА.

Во овој контекст, Мохамед Салах покажа исклучителна класа. Додека неговите соиграчи го нападнаа судијата, тој лично се ракуваше со нив и отиде да се ракува со судиите. Откако тимот се врати дома, каде што навивачите ги пречекаа како вистински херои, капитенот напиша емотивна порака на социјалните мрежи:

– Знам дека сè уште сте разочарани и тажни, но ви ветувам дека ќе направам сè што е во моја моќ за да го претворам ова во нов почеток за египетскиот фудбал на меѓународната сцена. Само пласманот на Светското првенство повеќе нема да ни биде доволен, ниту едноставното учество во него. Овој тим ја заслужува вашата доверба – стои во пораката на Салах.

И покрај горчливиот крај, историскиот настап на Египет останува успешен – во групната фаза ја постигнаа својата прва победа на Светското првенство против Нов Зеланд и за прв пат во својата историја се пласираа во нокаут-фазата.

Мурињо без влакна на јазикот по натпреварот меѓу Аргентина и Египет: Срамота е во што се претвора фудбалот, ова е грабеж!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот