Собранието оддаде почит на жртвите од Сребреница: „Да се памети за никогаш да не се повтори“
Сребреница претставува траен и темен печат врз совеста на целото човештво, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешното одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во Законодавниот дом.
Препорачано
– Тоа утро згаснаа илјадници животи и засекогаш се промени судбината на уште илјадници други. Сребреница остана запаметена како едно од најстрашните злосторства против човештвото, како најголемиот неуспех на човечноста – нагласи Гаши.
Претседателот на Собранието истакна дека одбележувањето вакви трагедии не смее да остане само церемонија, туку мора да биде повик за размислување, правда и морална одговорност.

– Нашата институционална и морална обврска е да ги паметиме и да им оддадеме почит на жртвите од Сребреница бидејќи споменот за нив е повик до сите нас – додаде Гаши.
Професорот Ферид Мухиќ, пак, нагласи дека „геноцидот не се случи, туку геноцидот се направи“. Според него, Сребреница не е изолиран настан, туку дел од поширок проект, кој бил планиран и организиран со цел истребување на бошњачките муслимани.
– Геноцидот не е несреќа како земјотрес или пожар. Тој е организиран, извршен и поддржан проект – истакна Мухиќ додавајќи дека секое негирање на геноцидот претставува обид да се избрише стигмата од сторителите.
Во своето обраќање тој порача дека иднината мора да се гради врз хуманистички вредности, разбирање и сочувство, со цел Балканот повторно да биде пример на цивилизациска традиција.
– Да се живее заедно не значи да се заборави, туку да се почитува и да се извлече поука. Само така може да се спречи повторувањеро злосторства – заклучи Мухиќ.
Претседател на Бошњачкиот национален сојуз, Џевад Хот, порача дека Сребреница е симбол на најголемото страдање во Европа по Втората светска војна.
Хот истакна дека злосторството од јули 1995 година е утврдено со факти, докази и пресуди на меѓународните судови нагласувајќи дека „сеќавањето на Сребреница не е обврска само на преживеаните, туку на секој граѓанин кој верува дека секој човечки живот има еднаква вредност“.

Тој предупреди дека негирањето на геноцидот претставува нова болка за жртвите и нивните семејства и рушење на темелите на меѓународното право.
– Негирањето создава простор слични злосторства да се повторат. Затоа борбата против негирањето не е политичко прашање, туку цивилизациска обврска – рече Хот.
Според претседателот на Комисијата за односи меѓу заедниците, Аднан Ази, Сребреница не почна со куршуми, туку со зборови, молкот пред навредите и пропагандата бил првиот чекор кон трагедијата, а отфрлањето на геноцидот претставува „продолжување на злосторот со други средства“.
Тој тсети дека во Сребреница биле убиени повеќе од 8.000 луѓе, секој со име и лична приказна, и дека „геноцидот не уби бројки, туку луѓе“.
– Секој човечки живот е свет. Во Сребреница не се уби само еден народ, таму се уби целото човештво – рече Ази додавајќи дека најголемата обврска на институциите и општеството е да се спротивстават на идеите и мотивите што носат до вакви трагедии.
Претседателот на Комисијата истакна дека Сребреница е потврден геноцид со судски одлуки и дека неприфаќањето на таа вистина е удар врз жртвите и врз меѓународното право.
На свеченоста присуствуваа амбасадори, пратеници и поранешни пратеници, претставници на верски заедници и политички партии, како и академската јавност.


