Јапонците менуваат закон од 1947 година за да не се изгуби царското семејно наследство
Долниот дом на јапонскиот Парламент денес усвои предлог-закон за ревизија на Законот за царско семејство од 1947 година, реформа со која сакаат да се задржи наследството на царскиот систем во земјата, пренесува Анадолу.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Владејачката Либерално-демократска партија и нејзиниот коалициски партнер, Партијата за иновација на Јапонија, имаат за цел да го усвојат законот во Горниот дом пред крајот на тековната парламентарна сесија, на 17 јули.
Со предлог-законот би се овозможило Царскиот двор да посвојува машки лица на возраст од 15 или повеќе години од 11 поранешни царски ограноци (по машка линија) што го изгубиле статусот во Втората светска војна, а на женските потомци од кралското семејство би им се дозволило да го задржат својот царски статус и откако ќе се омажат за обични граѓани.
Иако самите посвоени членови би биле спречени да станат цареви, нивните машки потомци би имале право на наследство на престолот. Законодавството не дозволува жени со царски статус или наследство по мајчина линија.
Според актуелниот закон, само мажите кои потекнуваат од цареви по таткова линија можат да го наследат престолот, а женските членови на семејството го губат царскиот статус со стапувањето во брак.
Со оглед на тоа што бројот на членови во царското семејство постојано се намалува, целта на реформата е да се зголеми бројот на членови без притоа да се менува линијата на наследување.
Актуелен цар е Нарухито (66), кој стапи на престолот по абдикацијата на неговиот татко во 2019 година. Единствени наследници на престолот се престолонаследникот Фумихито (60), неговиот син принцот Хисахито (19) и принцот Хитачи (90).
Законот беше составен по консултации со сите парламентарни партии, но се соочи со критики од некои опозициски пратеници поради одредбите што би го прошириле правото на наследување на машките потомци на посвоените лица.
Дебатата за овој закон беше одложена поради парламентарна блокада, која се надмина откако Владата направи отстапки за други спорни закони.


