Драстичен пад на градежните дозволи – во мај се издадени речиси 30 проценти помалку
Во текот на мај годинава во Македонија се издадени 340 одобренија за градење, што е за 27,5 проценти помалку во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. И покрај падот на бројот на издадени дозволи, со нив е предвидена изградба на 840 нови станови со вкупна корисна површина од 71.561 квадратен метар. Најголемиот дел од издадените одобренија – 229 или 67,3 проценти – се однесуваат на објекти од високоградба. За нискоградба се издадени 22 одобренија, додека 89 се за реконструкција на постојни објекти.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Најмногу одобренија за градење се издадени во Источниот Регион – 76, по што следуваат Скопскиот со 65, Полошкиот со 62, Југоисточниот со 51, Југозападниот со 36, Пелагонискиот со 24, Вардарскиот со 20 и Североисточниот Регион со шест одобренија. Според статистичките податоци, вкупната проценета вредност на објектите опфатени со издадените одобренија изнесува 6,67 милијарди денари, што е за 15,2 проценти помалку во однос на мај минатата година.
Од вкупно 340 одобренија, кај 214 инвеститори се физички лица, додека кај 126 инвеститори се деловни субјекти. Најмногу нови станови ќе се градат во Источниот Регион – 249. Следуваат Југозападниот со 189, Скопскиот со 166, Југоисточниот со 106 и Полошкиот Регион со 91 стан. Во Пелагонискиот и Вардарскиот Регион се предвидени по 19 станови, додека во Североисточниот Регион е планирана изградба на само еден стан.
За краток престој ќе се издаваат само регистрирани апартмани


