Лизингот со нови правила – помалку трошоци и поголема заштита за граѓаните
Собранието ги усвои измените на Законот за финансиски лизинг, со кои се воведуваат нови правила што треба да обезбедат поголема заштита на граѓаните, поголема транспарентност во работењето на лизинг-компаниите и посилен надзор, соопшти Министерството за финансии.
Препорачано
Една од најзначајните новини е тоа што корисниците ќе можат во секое време целосно или делумно предвреме да ги отплатат своите обврски, без дополнителни трошоци. Воедно, ќе имаат право и на намалување на вкупните трошоци за преостанатиот период од договорот. Измените предвидуваат и поголема транспарентност при склучувањето договори. Секој договор за финансиски лизинг ќе мора јасно да ги содржи сите трошоци и надоместоци, а за првпат ќе биде овозможено договорите да се склучуваат и по електронски пат, доколку се исполнети законските услови.
Дополнително се зајакнува и заштитата на корисниците. Давателите на финансиски лизинг повеќе нема да можат да го користат предметот на лизинг како залог без претходна писмена согласност од корисникот. Таа согласност ќе мора да биде заверена кај нотар и дадена во посебен документ, одвоен од самиот договор.
Новина е и обврската лизинг-компаниите јавно да ги објавуваат своите годишни финансиски извештаи, заедно со ревизорските извештаи, на своите интернет-страници. Со тоа граѓаните и компаниите ќе имаат подобар увид во нивното финансиско работење пред да склучат договор. Со законските измени се зајакнува и контролата врз работењето на друштвата за финансиски лизинг преку построги прекршочни одредби, а минималниот основачки капитал се зголемува од 6 на 30 милиони денари, со цел да се обезбеди поголема финансиска стабилност на компаниите.
Министерството за финансии наведува дека со измените се имплементираат и препораките на MONEYVAL-комитетот при Советот на Европа за спречување перење пари и финансирање тероризам. Воедно, се воведуваат построги критериуми за интегритетот и репутацијата на основачите и членовите на управните органи на компаниите што нудат финансиски лизинг.
Од Министерството оценуваат дека измените претставуваат дел од реформската агенда и се насочени кон усогласување на домашната регулатива со европските стандарди, како и кон создавање посигурен и потранспарентен пазар на финансиски лизинг.
Автомобилот е ваш и кога е на лизинг, со него не располага компанијата на која ѝ го плаќате


