ВИДЕО | Газда на црногорски хотел бркал туристи од плажа: „Ова е мое, бегајте оттука“
Сопственик на хотел на плажата Сељаново во Тиват им се развикал на туристи и ги избркал, а снимката од инцидентот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, пренесува „Н1“.
Препорачано
Додека незадоволните гости тврдат дека сопственикот на блискиот хотел буквално ги избркал од плажата и дека еден ден капење, со задолжително изнајмување лежалки и нарачување пијалак, чини околу 60 евра, корисниците на социјалните мрежи предупредуваат дека ваквите сцени испраќаат многу лоша порака.
View this post on Instagram
Во видеото може да се слушне како сопственикот на хотелот им вели на туристите дека можат да стојат само метар и пол од оградениот дел на плажата, тврдејќи дека целата површина е негова.
„Ова е мое. Бегајте оттука, ајде“, вели сопственикот.
Жената која разговара со него му предлага да ја измери оддалеченоста, а тој ѝ враќа дека тоа веќе било направено со помош на геодет.
Таа потоа го замолува да не им вика на луѓето, а тој одговора дека „само така знае да објасни“.
Лежалки 40 евра
Инцидентот повторно го отвори прашањето за начинот на комуникација со гостите, како и за управувањето со крајбрежјето и со плажите во Црна Гора.
„Кој и да оди на одмор во Црна Гора, нека го погледне овој пример од плажата Сељаново во Тиват. Исклучително непријатен сопственик на блискиот хотел, во кој воопшто не бевме сместени, се однесуваше како да сака да се тепа со нас. Освен тоа, цените се неприфатливи – лежалките чинат 40 евра, а со нив задолжително мора да нарачате пијалак. Така, еден ден на плажа нè чини повеќе од 60 евра“, се пожалиле туристите.
Снимката била објавена на профилот на Инстаграм „Предајник Београд“, а бројни корисници се запрашале од кога плажите станале приватна сопственост.
„Еве, погледнете ја и тревата зад вас, два метри плевел. Лежалки 40 евра во залив каде што морето не е баш најчисто, а плус овој балван ми оди на нерви“, напишал еден корисник.
Ова се цените за лежалки во Црна Гора – туристите незадоволни
Некои се запрашале и како сопственикот успеал да го „купи морето“.
„Три месеци изнајмуваат природно богатство, а потоа како паразити живеат преостанатите девет месеци“, коментирал друг корисник.
Видеото го споделила и инстаграм-страницата „Подгорички инфо“ со наслов: „Љубезноста е најдобрата реклама на сезоната.“
„Снимката од расправијата на плажата Сељаново во Тиват повторно отвори важно прашање за црногорскиот туризам – како комуницираме со гостите. Без оглед на околностите и причината за конфликтот, комуникацијата мора да остане професионална, смирена и коректна. Гостите не го паметат само морето, плажата и околината, туку и начинот на кој биле пречекани“, стои во нивната објава.


