Фото: Milos Miskov / AFP / Profimedia

Суспендирани вработените во Брзата помош во Бачка Паланка на кои пациентка им падна од носилка и умре во болница

Вработените во Службата за итна медицинска помош на Здравствениот дом Бачка Паланка на кои им падна пациентка од носилка и подоцна почина во болница, се суспендирани од работа додека трае постапката за утврдување на околностите на случајот, соопшти покраинскиот секретар за здравство Милан Попов, пренесува српски „Блиц“.

Попов рече дека за настанот дознал на 7 јули од медиумите, иако инцидентот се случил на 1 јули во вечерните часови, по што наредил спроведување на сите процедури предвидени со закон.

Според него, екипата на брзата помош го примила првиот итен повик во 19:10 часот, а по пристигнувањето на терен, ја пронашле пациентката во несвест, без пулс и крвен притисок.

„Жената се лизнала од носилката и паднала поради небрежност на вработените“

Тој изјавил дека при изнесувањето од објектот, жената се лизнала од носилката и паднала на тротоарот, што, како што вели, било резултат на небрежните постапки на вработените кои биле на интервенцијата.

Потоа, извршена е кардиопулмонална реанимација, утврдена е срцева активност и спонтано дишење, а пациентката е транспортирана во UKCV.

Прелиминарни наоди од обдукцијата

Попов додаде дека прелиминарниот извештај од обдукцијата укажува дека причина за смртта е торакална аортна дисекција, аортно крварење и срцева тампонада. Тој вели дека по завршувањето на надзорот ќе се донесе одлука за евентуални санкции за одговорните, како и дека целата постапка ќе биде транспарентна и достапна за јавноста.

Попов истакна дека здравствените установи се должни да го известат Министерството за здравство и Покраинскиот секретаријат за здравство за вакви инциденти, и дека во овој случај се утврдува дали имало пропуст и во таа постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот