Претставата „Повик“ отвора прашања за индивидуалниот и колективниот идентитет
На „Сцена 105“ во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп на 9 и 10 јули ќе биде изведена претставата „Повик“, независен театарски проект во авторство и режија на Јован Ристовски и со костимографија на Марта Дојчиновска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Театарскиот проект „Повик“ е приказна за современиот уметник, раскажана низ судбината на една млада сликарка која се обидува да ја пронајде вистината во свет во кој уметноста сè почесто станува производ, нарачка и кич.
– Претставата отвора прашања за изгубениот идентитет, за судирот меѓу личниот интегритет и очекувањата на општеството, како и за конфликтот помеѓу слободното творештво и системите што настојуваат да го обликуваат човекот. Нејзината борба не е само професионална – таа е борба да остане човек, да не го изгуби сопствениот глас и да остане верна на својата интуиција.
Но, ова не е приказна за поразот. Ова е приказна за можноста повторно да се роди уметноста. За надежта дека, и покрај политичките, економските и општествените притисоци, човекот сè уште може да ја избере вистината, слободата и автентичноста.
Инспирирана од научните трудови на Карл Густав Јунг, претставата ги истражува архетиповите, сенката и процесот на лична трансформација, отворајќи силни прашања за индивидуалниот и колективниот идентитет. Воедно, ова е и омаж на жените – на нивната сила, мудрост и способност да создаваат, обновуваат и менуваат, затоа што секоја вистинска преродба започнува со храброста гласно да се изговори вистината. Низ претставата одекнува една силна мисла: „Ние молчиме.“ – стои во информацијата за претставата.
Во претставата играат Марија Стефановска како Сликарка, Катерина Аневска (Актерка), Николче Стефанов (Режисер), Маја Андоновска Илијевски (Кустос), Наталија Ристеска (Сенка на Сликарката) и Марија Талеска (Бабар / Мечкар – Сенка на Сликарката).
Театарската претстава е независен проект, поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт Фонд“. Претставата е дополнително поддржана од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia). Партнер и логистичката поддршка е на НУ Центар за култура – Битола.


