Омаж со авторски филмови на Стефан Сидовски-Сидо ќе се одржи во Кинотеката
Во Кинотеката на Македонија на 9 јули (четврток), со почеток во 20:30 часот, ќе се одржи настанот „Омаж – Стефан Сидовски – Сидо“, вечер посветена на еден од најзначајните автори на македонскиот аматерски филм и филмски педагог.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Филмовите на Сидо се препознатливи по својата интелектуална провокативност, сатиричен пристап и филозофски идеи, преку кои отвораат прашања за човекот, моќта, технологијата и современиот свет.
Неговото творештво остави траен белег во македонската филмска култура, а генерации филмофили и ученици го паметат како инспиративен професор и неуморен промотор на филмската уметност.
Во рамките на програмата на омажот ќе бидат прикажани десет филмови на Стефан Сидовски – Сидо и еден филм со наслов „Сидо“ во режија на Тамара Котевска.
Од Стефан Сидовски – Сидо ќе бидат прикажани филмовите: „Полуден револуционер“, „Големото око“, „Привид“, „Писмо“, „Надеж“, „Самрак на цивилизацијата“, „Дискурс“, „Идентификација“, „Илузија“ и „Средба“.
Стефан Сидовски – Сидо (3 октомври 1946 во Скопје – 4 јули 2019 во Скопје) беше професор по филозофија, режисер и глумец во своите аматерски филмови. Предавал 36 години во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“. Работел и како професор по Историја на филм и Теорија на филм на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Во негова чест на 25 септември 2019 година беше поставена плочка со неговото име на едно од столчињата во киносалата на Кинотека на Република Македонија.


