Два филма во чест на актерот Тони Наумовски ќе имаат проекција на фестивалот „Преку езерото“
Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ на 6 јули одржа прес-конференција во книжарницата „Матица ексклузив“ во Скопје на која се обратија Јани Бојаџи, директор на фестивалот, Златко Гелески, селектор на програмата на фестивалот, Тони Наумовски, годинашен лауреат на наградата „Мето Јовановски“, и Дејан Милошевски, продуцент на фестивалот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Фестивалот „Преку езерото“ годинава ќе се одржи од 8 до 15 јули во Дојран, Гевгелија и Струмица. Лауреат на наградата за филмско творештво „Мето Јовановски“ е актерот Тони Наумовски.
– Актерството е професија на вечно учење. Не постои актер кој еднаш засекогаш завршил некакво училиште, бидејќи животот и проектите во кои влегува и излегува се училиштето со кое секогаш се соочува. Со секој нов проект актерот почнува од почеток. За среќа, имаме актер кој ги поминал сите вообичаени фази кои ги минуваат сите актери во светот. Тони Наумовски работел во театар, телевизија, на филм во Њујорк и во такви сериозни околности да стасаш до тука е огромен успех – рече Јани Бојаџи, директор на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ и го претстави годинашниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“.
Актерот Тони Наумовски со македонскиот филм „Лена и Владимир“ минатата година доби 14 награди за актерско остварување и уште неколку номинации на повеќе од 80 фестивали во светот.
– Многу тешко можам да најдам зборови за благодарност за честа. Треба да учиме како да живееме, не како да играме, рече големиот режисер Јержи Гротовски. Се чувствувам благодарно, благословено, привилегирано и понизно. Мето Јовановски играше во лига на светски шампиони и остави длабоко културно наследство од кое треба да учиме и да се радуваме дека сме имале таков човек – рече актерот Наумовски.
Селекторот на годинашната програма Златко Гелески рече дека годинава е мошне богата, и посочи дека приказната ќе биде етапно откриена и поврзана за сите точки на кои се простира Медитеранот.
– Медитеранскиот филм денес опфаќа многу култури, различни проблематики на целиот Медитеран и токму затоа ги избрав овие шест филмови во официјалната селекција: „Држи се за мене“ во режија на Мирсини Аристиду од Кипар, со кој ќе биде отворено ова издание на фестивалот; „Коцкарот“ во режија на Мохсен Бахари од Иран, кој ќе има интернационална премиера; „Кома“ во режија на Агим Абдула од Македонија; „Месо“ во режија на Димитер Стојанович од Бугарија; „Одразот во мртвиот дијамант“ во режија на Елен Кате и Бруно Форцани од Белгија, а гостин ќе биде актерот Јаник Рение; и „Кармадона“ во режија на Александар Радивојевиќ од Србија – соопшти Гелески и посочи дека годинава публиката ќе може да погледне 16 краткометражни филмови од кои 10 се домашни и 6 се странски, потоа и 13 студентски од трите факултети за филмска уметност кај нас.
Во рамките на фестивалот во чест на лауреатот ќе бидат прикажани „Мојот Њујорк“ и „Лена и Владимир“, посебни проекции ќе имаат филмот „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски и три етнолошки филмови, а во чест на Мето Јовановски, чие име го носи наградата која ја доделува фестивалот, ќе биде прикажан „Павилјон“.
Годинава земја во фокус е Иран и ќе бидат прикажани 4 филмови од современата иранска кинематографија и ќе се одржи панел на тема „Кој ќе ја режира иднината на современиот ирански филм? Дали може иранскиот филм да се носи со предизвиците на модерното живеење?“ на кој ќе говорат Мехрдад Хамнеи, директор во студиото „Егзит арт“, Агим Абдула, режисер кој има дипломирано режија во Иран, и Дамјана Ивановска, филмолог од Кинотеката.
За филмовите во главната селекција ќе одлучува жири во состав: Мирослав Митиќ, продуцент, Елеонора Венинова, режисерка, и Емили Ришел, претставничка од Франција.
Продуцентот Дејан Милошевски информираше за работилницата за ирански филм и за вештачка интелигенција во филмот, и за работилницата за авторски филм и авторството во филмот.
– Очекуваме над сто учесници, фестивалската програма ќе се реализира во Гевгелија, Струмица и Дојран. Секој ден се предвидени проекции на филмови, панели, мастеркласови и затоа ве поканувам сите да дојдете да пливаме наспроти брановите – како што гласи мотото на фестивалот – рече Милошевски.


