Кинетички фотографии беа во фокус на четвртата сесија на Летната школа „Њу арт фор(у)м“ во Лазарополе
Факултетот за ликовни уметности при УКИМ од 19 до 26 јуни ја организираше четвртата сесија на Летната школа „Њу арт фор(у)м“ во Лазарополе, Општина Маврово Ростуше.
Препорачано
Четвртата сесија на проектот „New art for(u)m“ беше насловена „Кинетички фотографии“. Оваа сесија ја третираше синемаграфијата како медиум во кој статичната слика и минималното движење коегзистираат. Во Лазарополе и околните села учесниците имаа можност да снимаат ентитети кои го откриваат скриеното време во амбиентот, просторот и социјалната средина: каде мирот и микро-движењето се судираат.
Преку работа со камера, светлина и постпродукција, тие создаваа синемаграфии што го одразуваат дијалогот помеѓу традицијата и современите нарушувања, а кои ќе бидат претставени на изложба во Галеријата на ФЛУ доцна на есен.
Учесници на четвртата сесија беа студентите Ивана Петкова, Ема Талеска, Бојана Николова, Михаил Паскоски, Сандра Андовска, Aна Ристеска, Благоја Стојаноски, Илина Кулевска од ФЛУ – Скопје и Ји Ванг од „Фонтис академија за уметности“ од Холандија.

По првичните запознавања, подготовки и иницијалното и инспиративно предавање за кинетичките фотографии на овогодишниот ментор м-р Ѓорче Ставрески, беа претставени феноменот Фи, концепти на Гешталт-психологијата, првите синемаграфи, авторскиот филм „Кругови“… Во текот на школата студентите поминаа низ целосен креативен циклус, од теренско истражување и снимање, развивање на идеја, до монтажа, експериментирање со визуелниот јазик и обликување на сопствените авторски решенија.
Учесниците имаа можност да се запознаат, теоретски и практично, со медиумот синемаграфија – со начинот на работа на камерите и нивната употреба во различни светлосни услови, како и со принципите на микро-движење во статичен кадар. Исто така и да ги препознаат разликите во видното поле на различни објективи и креативно да ги применат нивните оптички карактеристики.
Студентите работеа и со софтвери за изработка на синемаграфии, со акцент на дигиталното маскирање, одвојувањето на динамичниот слој и постпроцесирањето на временскиот ритам на движењето. Работејќи во инспиративната атмосфера, тие не само што ги унапредија своите технички вештини, туку стекнаа поголема самодоверба, нови искуства и пошироко разбирање за креативниот процес во постапките на градење на синемаграфското дело.

Иако оваа сесија на летната школа официјално заврши на 26 јуни, процесот продолжува. Во периодот што следи, студентите менторирано ќе работат на финалната постпродукција на своите дела, а резултатите од нивната работа ќе бидат претставени на изложба во галеријата на Факултетот за ликовни уметности (Галерија ФЛУ) оваа есен во Скопје.
Таа изложба традиционално ќе биде можност пошироката јавност да ги види авторските проекти создадени во текот на оваа интензивна и инспиративна седумдневна сесија. Проектот е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за култура и туризам и од „Јуроп хаус Скопје“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 338, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.7.2026)


