Поетесата Ирена Павлова Де Одорико објави дело пишувано и во сон и среде несоници
Новата книга на поетесата Ирена Павлова Де Одорико е со наслов „Јас сум Живка“. Книгата излезе во издание на „Восток паблишинг“ со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Препорачано
Авторката изразува благодарност за реализацијата на книгата до Михајло Свидерски, до ликовниот уметник Сокол Марковски, кој ја подготвил насловната корица, како и до колешката Силвана Димитриевска, која технички и морално, пред сѐ, човечки, се потрудила со сета своја љубов и топлина книгата да ја види светлината на земските дни.
– Оваа книга ја сметам како круна на мојата 27-годишна творечка / книжевна посветеност, реализирана преку исто толку дела, во разни жанрови. Суштински, ова е книга која сведочи за тоа дека крвта не е вода, фигуративно. Но, наследениот креативен, творечки татков дух, е бистра вода, која тече двосмерно. Одовде кон него, отаде, кон Вечноста.
Оттаму, на земјата, низ минливоста, кон вечноста во речта, која тој ми ја подари. Еве, татко, јас ти ја посветувам оваа книга, преку една книжевна крштевка, во која имам уште едно име Живка. За, блиските, пријателите, знаените и незнаени луѓе, публиката, за која се надевам дека ќе го прегрне ова најново дело, пишувано и во сон и среде несоници, со солзи на тага, но и солзи радосници. Фала ти, татко, што ги наследив твојот ум, дух и рака – истакнува авторката.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 338, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.7.2026)


