Вжештена расправа во Собранието за ребалансот на Буџетот — власта најавува инвестиции, опозицијата предупредува на ново задолжување
Власта го брани ребалансот како прилагодување на Буџетот, со повеќе средства за инвестиции, плати и трансфери. Опозицијата предупредува на ново задолжување, поголем дефицит и нерешена инфлација.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжи расправата во второ читање за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година.
Препорачано
На вториот ден од општата расправа за предлог-ребалансот, пратениците од владејачкото мнозинство оценија дека измените се одговор на променетите економски услови и механизам преку кој Владата ги приспособува јавните финансии на реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. Тие посочија дека се предвидуваат повеќе средства за инвестиции, плати, социјални трансфери, капитални вложувања, инфраструктурни проекти, водостопанство, како и за комунална, образовна, здравствена и еколошка инфраструктура.
Опозицијата, пак, смета дека наместо суштински реформи, Владата повторно избира полесен пат преку поголем дефицит и ново задолжување. Според опозициските пратеници, ребалансот не нуди одговор на клучните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, како растот на цените, инфлацијата и зголемувањето на буџетскиот дефицит.
Расправата за ребалансот во матичната собраниска комисија трае десет дена, а ќе продолжи в понеделник во 12 часот. За предлог-ребалансот се поднесени вкупно 224 амандмани, од кои 87 од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и осум од Вреди.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Весна Ѓорѓиева, на денешната седница истакна дека со предложениот ребаланс вкупните приходи се зголемуваат од 374 милијарди денари на 379,5 милијарди денари, односно за 4 милијарди и 575 милиони денари.
Таа додаде дека со ребалансот се предвидува и значително зголемување на капиталните дотации кон единиците на локалната самоуправа. Според Ѓорѓиева, тие растат за 66,1 отсто и достигнуваат 4 милијарди и 235 милиони денари, што, како што рече, значи повеќе локални проекти и јавна инфраструктура.
„Владата сама ја намалува проекцијата на растот“
Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, во своето обраќање рече дека Владата при носењето на Буџетот за оваа година го претставувала како развоен, со проектиран раст од 3,8 отсто, но сега самата ја намалува проекцијата на 3,1 отсто.
— Тоа значи дека планот на Владата, којшто бил поставен во декември месец 2025 година, сега се намалува. Од една страна планот се намалува, значи сè она што се предвидува плански го намалуваме, а само реторички го зголемуваме за да, нели, во ПР и стратегијата за ПР-от тоа биде прикажано некако сосема поинаку пред граѓаните — изјави Спасовски.
Според Спасовски, истовремено расте и задолжувањето, од 121 милијарда денари на 140 милијарди денари, додека буџетскиот дефицит се зголемува на 4,1 отсто.
— Даночните приходи се намалуваат речиси за една милијарда, додека, пак, од друга страна пак расте ставката разни трансфери. Оние ставки за коишто и ние, меѓутоа и граѓаните веќе добро знаат и честопати се доаѓа без јасно објаснување каде се трошат финансиските средства од ваквите ставки. И истовремено се најавува зголемување на платите, но ако погледнеме во ставката на придонесите, тие остануваат исти. И тука нема никаква логика, да од една страна имате зголемување на плати, а од друга страна ставката на придонесите да остане иста. Или растат платите и со тоа ќе растат и придонесите, или не може да растат платите, а придонесите да бидат на исто исто ниво — изјави Спасовски.
„Растат приходите и животниот стандард“
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, тврди дека реализацијата на капиталните расходи во 2024 година изнесувала 12,9 милијарди денари, односно околу 209 милиони евра, додека, пак, сега достигнува 19,3 милијарди денари, или околу 313 милиони евра.
Тој нагласи дека со ребалансот капиталните расходи се зголемуваат за 4,747 милијарди денари, односно околу 77 милиони евра, средствата за плати за 1,128 милијарди денари, или околу 18,3 милиони евра, а субвенциите и трансферите за 3,094 милијарди денари, односно околу 50,2 милиони евра.
Дел од средствата, според него, се насочуваат кон земјоделството, железничкиот сообраќај, студентскиот и ученичкиот стандард и социјалните трансфери.
Во расправата се вклучи и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски, кој оцени дека економските показатели покажуваат раст на приходите и подобрување на животниот стандард. Тој посочи дека во јуни годинава од даноци биле собрани 13,26 милијарди денари, наспроти 9,37 милијарди денари во истиот месец лани, што претставува раст од 41,6 отсто. Според него, зголемување има и кај социјалните придонеси, како и кај вкупната наплата на даноци во периодот јануари-јуни.
Со предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектираат на 379,5 милијарди денари, додека, пак, даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво од 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи и донациите бележат раст.
Вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари. Предвидени се дополнителни средства за земјоделски субвенции, железнички сообраќај, спорт, студентски и за ученички стандард, додека капиталните инвестиции достигнуваат речиси 46 милијарди денари.


