Александар Вучиќ/ Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Дали Европа крева раце од Србија?

Соговорници на весникот „Данас“ оценуваат дека сѐ поголем број земји-членки на ЕУ веќе не гледаат кредибилитет кај власта на Александар Вучиќ кога станува збор за европските реформи.

Најмалку пет земји-членки на Европската Унија во моментов го блокираат напредокот на Србија во пристапните преговори, бидејќи не го поддржуваат отворањето на Кластерот 3, кој се однесува на конкурентноста и на инклузивниот раст. Покрај Холандија, чијшто претставник официјално ја потврди ваквата позиција за „Радио Слободна Европа“, против отворањето на кластерот се и Шведска, како и трите балтички држави — Естонија, Летонија и Литванија, пишува српски „Данас“.

Соговорници на весникот оценуваат дека ваков пристап досега не бил забележан во процесот на европска интеграција на Србија и дека станува збор за сериозен сигнал за тревога. Според нив, поголем број земји-членки на ЕУ веќе не гледаат кредибилитет кај власта на Александар Вучиќ кога станува збор за европските реформи.

Како главни причини за блокадата се наведуваат состојбата со владеењето на правото, човековите права, слободата на говорот, изборните услови, но и надворешната политика на Србија, особено фактот дека Белград не воведе санкции против Русија по инвазијата врз Украина. Токму неусогласувањето со европската политика кон Русија беше првиот сериозен проблем поради кој пристапните преговори практично се блокирани од декември 2021 година.

Во меѓувреме, според оценките на Европската комисија, се влошила и состојбата во областа на владеењето на правото.

Кластерот 3 опфаќа осум преговарачки поглавја, а Европската комисија уште во 2021 година оцени дека Србија ги исполнила условите за негово отворање. Но, за отворање или за затворање на кој било кластер е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ.

„Ставот на Холандија не изненадува“

Горан Милетиќ, основач и извршен директор на фондацијата „Балканс форвард“, вели дека ставот на Холандија не е изненадување, бидејќи таа земја традиционално е најмногу фокусирана на владеењето на правото во Западен Балкан.

— Познат факт е дека Холандија е членка на ЕУ која е најмногу фокусирана на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан — вели Милетиќ, додавајќи дека холандските дипломатски мисии во регионот имаат посебни службеници кои ја следат оваа област.

Според него, тоа значи дека Холандија има многу добар увид во состојбата и не може да биде убедена дека има напредок ако тој реално не постои.

— Ваквиот јасен став на Холандија всушност е порака дека стратегијата „создавам проблем за потоа да го решавам“ едноставно не поминува — вели тој.

Пицула: Вучиќ ја гледа ЕУ како шведска маса, зборува или пред огледало или пред одбрани новинари

„Шведска е новост“

Како новост Милетиќ ја издвојува Шведска, која порано била поблагонаклонета кон властите во Србија. Според него, промената во шведскиот став е поврзана со впечатокот дека Србија не покажува ни минимален напор за продолжување на европските интеграции. Тој смета дека позицијата на Шведска нема лесно да се промени, дури ни ако по изборите дојде до промена на власта.

Балтичките држави, пак, според Милетиќ, најмногу реагираат на односот на Србија кон Русија и на неусогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Нивниот став, вели тој, можеби би можел да се промени доколку Белград покаже напредок во оваа област. Сепак, суштината, според него, е во сè поголемото губење доверба во српските власти.

„Сѐ повеќе членки сметаат дека проблемот е системски“

Директорот на Институтот за европски прашања во Србија, Наим Лео Бешири, оценува дека ова не е обично дипломатско недоразбирање, туку сериозен политички сигнал.

— Кога пет држави од различни делови на Европа, со различни политички традиции и со различни надворешнополитички приоритети, истовремено го блокираат напредокот на Србија, тогаш повеќе не станува збор за поединечни резерви — вели тој.

Според Бешири, никогаш досега од почетокот на пристапните преговори Србија не се соочила со толку широк фронт на забелешки — од владеење на правото и човекови права, до изборни услови и надворешна политика. Тоа, како што вели, покажува дека сè повеќе земји-членки сметаат дека проблемот е системски.

„Вучиќ мора да постигне конкретни резултати“

Бешири предупредува дека последиците може да бидат многу посериозни од уште еден застој во преговорите. Можно е Србија да се соочи со помалку европски средства, забавување на инвестициите, послаба економска перспектива и со уште поголемо оддалечување од членството во ЕУ.

Тој смета дека Вучиќ теоретски може да го сврти трендот, но не со дипломатски пораки или со лични односи со европските лидери, туку само со конкретни резултати. Без напредок во владеењето на правото, слободните избори, борбата против корупцијата и без усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, тврди Бешири, тешко е да се очекува промена во ставот на земјите-членки.

Директорот на Институтот за европски прашања во Србија заклучува дека најголемиот проблем не е загубата на поддршката од една или од две држави, туку тоа што меѓу сè поголем број членки се зацврстува уверувањето дека сегашната власт во Србија повеќе не е сигурен партнер за европски реформи.

Ако поднесе оставка како што со денови најавува, Вучиќ ќе го менува Ана Брнабиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот